Бизнис
3. September 2018 - 14:03

Синдикатот на „Еурокомпозит“ бара итно решение за технолошкиот вишок и стратегиски партнер

Синдикатот на прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ бара државата да преземе суштински чекори за решавање на тешката состојба во оваа фирма, единствен загубар во земјава.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација, владата исплати плати, но досега ништо не презеде за подготвување на пакетот за технолошки вишок за 130-ина вработени, ниту се знае што е со стратегиски партнер, а рокот беше до почетокот на октомври.

Еурокомпозит

- Состојбата во нашата фирма сѐ повеќе се влошува, а никој ништо не презема. Во Скопје бевме договорени дека во рок од три месеци, односно до почетокот на октомври, ќе го решат проблемот на 130 вработени и дека редовно ќе земаме плата, ќе се најде странски инвеститор и конечно ќе се реши нашиот проблем. Според договорот, успеавме само да земеме по 30 000 денари, што ни ги ветија, но со кои не го решаваме проблемот. Мислиме дека со технолошкиот вишок не се запознати никој: ниту владата, ниту фирмата и не знаеме каде е закочена работата. Досега луѓето требаше да заминат како технолошки вишок и да влезат во законот за стечајци. Имаме неколку писма испратено до владата, да прашаме што се случува и дали се работи. Тие секогаш ни велат дека се работи, ама сите знаат дека процедурата за технолошки вишок е два до три месеца. Но процедурата не е почната. освен тоа ни велат дека сите што ќе заминат технолошки вишок да ги обештети фирмата, која, пак, нема никакви средства, изјави Богданоски.

Лазар Ангелески, претставник на гранковиот синдикат СИЕР вели впечаток е дека ништо не е почнато да се решава.

- Основни работи за решавање на состојбата со Еурокомпозит се изнаоѓање стратегиски партнер, решавање на прашањето за технолошки вишок за дел од вработените. За се треба време. Впечатокот е дека ништо не е почнато да се решава. Ветувањата се само дека се работи на тоа, но ништо не се решава „преку ноќ“ особено за технолошкиот вишок. Апсурдно е да се разговара за технолошкиот вишок ако парите за отпремнини не ги обезбеди сопственикот на фабриката, зашто самата фабрика нема воопшто средства за тоа. А немаме никакви податоци ниту дали се бара стратегиски партнер, ниту дали има распишано тендер. Вкупниот впечаток е дека не е мрднато од мртвата точка. Ова денеска е вид апел да почнат сите активности. Тоа може да го направат Одборот на директори, Управниот одбор кој досега не реагирал и секако, сопственикот на фирмата-државата. Ако тие не ги решаваат работите, на работниците им останува само да штрајкуваат, рече Ангелески.

Цветан Бунтески, член на синдикатот вели дека вработените притискаат да се активира штрајкот пред владата.

- Не можеме да ги предвидиме следните чекори зашто вработените притискаат да се замине повторно пред владата за да се реши тешката состојба. Во однос на материјалните средства владата си достои на ветувањето, но за другите суштински решенија, нема ништо. Затоа ова е и апел да преземат нешто. Нашиот предлог е од 260 вработени, 150-ина треба да заминат технолошки вишок, а 100-ина да останат да работат и да има ангажман за нив, вели Бунтески.

Околу 260 вработени во „Еурокомпозит“ во моментов немаат никаков договор за работа. Сите досегашни договори се завршени, се бараат нови со министерствата, но нема никаква најава.