Бизнис
19. November 2018 - 19:28

Синдикатот изненаден од најавата дека ќе се крати администрацијата

Синдикатот затекнат од најавите за намалување на администрацијата. Велат дека тоа е спротивно на ветувањата од власта дека ниту еден службеник нема да биде отпуштен од работа.

“Како синдикат ќе се залагаме исклучиво членовите на синдикатот да ги зачуваат своите работни места. Со сите законски решенија што се нудат ќе се залагаме за подобри права на административните службеници, дури и за тие кои не се членови би требало да се заложиме за социјална сигурност или задржување на работното место, ако не во таа институција, во некоја соодветна”, изјави Пеце Грујовски, претседател на Синдикат на УПОЗ.

Власта најавува дел од вишокот административци до крајот на идната година да ги понуди на приватниот сектор. Ова се однесува само на тие што доброволно ќе прифатат да се тргнат од буџетскиот грб. Велат дека се соочуваме со превработеност, а истовремено и со недостиг од професионален кадар во администрацијата. Најавуваат мерки за решавање на тој проблем. Очекуваат резултат на краток рок.

“Да, ќе дадеме поголеми плати, но ќе бараме и многу повеќе работа. Значи, администрацијата мора да стане ефикасна служба на граѓаните. И на крајот од денот, сè додека граѓаните не го сменат мислењето за администрацијата имаме проблем”, изјави Манчевски.

Но не секате ќе се крати во администрацијата. Манчевски најави вработувања  во инспекциските служби. За да се доекипираат ќе бидат олеснети условите за влез во нив. Ќе се зголемат и нивните примања за да се намали корумпираноста.

Од буџетот за следната година ќе се одвојат за 24 милиони евра повеќе пари за плати на буџетарите.