Бизнис
7. May 2019 - 16:51

Синдикатите различно гледаат на најавите за ,,метла‘‘ во јавниот сектор

Синдикатите нема да бидат консултирани за постизборната „метла“ во јавниот сектор, која ја најави министерот Манчевски.

Конфедерацијата на слободни синдикати и Синдикатот на УПОЗ различно гледаат на најавеното префрлување на работници во приватниот сектор. Сепак, во едно се согласни, дека ниту еден работник не смее да заврши на улица.

КСС се против префрлување на буџетари во приватен сектор, за што протестираа неколку пати во последните месеци.

- Ние предлагаме да се замрзнат вработувањата во јавниот сектор. Може да се направи предвремено пензионирање на одреден кадар кој што има над 60 години. Со самото пензионирање на врабоните во јавната администрација, таа би се намалила за 7 до 10 отсто. За 2-3 години ќе се намали бројот на јавниот сектор, вели претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Од УПОЗ, пак, велат дека немаат ништо против доколку префрлувањето во приватен сектор биде со согласност на работникот.

-Како синдикат ќе бараме да има сигурност за кој било од врабоните кои што ќе треба да го напуштат работното место. Да се најде решение по хоризонтална линија, со префрлување од една во друга институција, природен одлив со пензионирање, или на некој друг начин со кој на евентуално отпуштениот ќе му се обезбеди некаква социјална сигурност, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Министерот Манчевски веќе најави дека резултатите од комплетната реорганизација на јавниот сектор ќе се видат до крајот на годината. А целиот процес ќе се одвива во консултација со сите политички партии за опозицијата да нема простор да обвинува за политички реваншизам. Според него, „метлата“ ќе ги фати и оние кои земаат плата, а не одат на работа.