Македонија
4. December 2015 - 8:42

Симулациска вежба за сообраќајка со повредени во Охрид

Симулациска вежба „Сообраќајна несреќа со поголем број повредени и со изгореници” организира денеска во охридскиот регион Министерството за здравство, во соработка со Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје.

Целта е подигнување на степенот на подготовка при кризни состојби. Вежбата, шto ќе почне напладне, ќе се одржи на крстосницата од улиците „Партизанска“ и „АСНОМ“. Ќе учествуваат Итната медицинска помош при Здравствен Дом-Охрид, Општа Болница-Охрид и Црвен Крст на РМ, при што ќе биде симулирано укажување на извлекување, прва медицинска помош, тријажа, евакуација и транспорт на повредени при сообраќајна несреќа. Исто така, ќе биде прикажан и третманот на изгореници на повредените. 

Вкупно ќе бидат ангажирани четири санитетски возила на Итната медициска помош Охрид. Планирано е учество  и  на МВР, ЦУК, ДЗС, ПП служба од Охрид и Општина Охрид. 
 
За правилен и навремен одговор за прифаќање и укажување медицинска помош со дијагностички и терапевтски процедури при зголемен прилив на пациенти (повредени/заболени) подготвен е план за одговор при вонредни/кризни состојби на ниво на ЈЗУ Општа Болница-Охрид. Министерството за внатрешни работи-СВР Охрид има подготвен оперативен план со распоред на самото место на настанот и долж предвидената траса за движење на возилата на ИМС. Противопожарната служба-ТППЕ Охрид има подготвен претходно свој оперативен план за дејствување при сообраќајни несреќи. Црвениот крст на Република Македонија и Црвен Крст-Охрид во соработка со ИМС ќе подготви листа на повреди и за таа цел ќе обучи 15 волонтери со цел симулација на предвидените повреди
 
Вежбата се реализира во рамки на договорот за соработка меѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација, како дел од приоритетот за здравствена безбедност, одговор и подготовка при кризни состојби.