Македонија
19. February 2016 - 14:17

Симпозиум „Паметен град“

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го отвори еднодневниот симпозиум „Паметен град“, што се одржува во рамки на 13. меѓународна конференција на ЕТАИ 2016. Организатор е Здружението за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика на Република Македонија (ЕТАИ). 

Осврнувајќи се на концептот паметни градови, Трајановски рече дека се залага за воспоставување ред во сообраќајот во Скопје и намалување на сообраќајниот метеж.

- Изградивме неколку кружни текови, работевме и на регулацијата на сообраќајот во градот. Со проширувањето на сообраќајниците, улиците и булеварите се овозмозможи побрза проточност на возилата. Со изградбата на Центарот за управување и контрола на сообраќајот и имплементацијата на софтверското решение, кое врши регулација на сообраќајот преку менаџирање на семафорите, се постигна и многу важната цел, зашита на животната средина, рече Трајановски. 

Овој процес, како што рече, ќе се заокружи со изработка на систем за менаџирање на паркинг-местата во градот со софтверско решение и поставување на информативни табли на видни места за корисниците на услугите.

- По обновувањето на возниот парк на јавното сообраќајно претпријатие од исклучителна важност беше навременото сообраќање на автобусите во градските и приградските линии, со што граѓаните ќе добијат нов квалитет на сигурен, временски точен и во климатизирани автобуси превоз до посакуваното одредиште. За таа цел воспоставивме систем за следење и контрола на јавниот превоз со софтверско решение што поддржува ГПС контрола и следење во реално време. Тоа резултираше со редовно и навремено пристигнување на патниците на одредиштето и задоволни граѓани, истакна Трајановски.

Тој ги изнесе и своите заложби за енергетската ефикасност и заштедата на енергија и проектите кои ги споведе во текот на изминативе години, како гасификација на средните училишта во градот, набавката на автомобил, скутери и велосипеди на електричен погон за администрицијата, опремување на катните гаражи со напојувачи за возилата на електричен погон.

- Градот изминатите две години активно работеше на изградба на нова и реконструкција на велосипедската инфраструктура во Град Скопје за да може на граѓаните да им понуди и алтернативен транспорт, рече Трајановски.