Македонија
3. March 2021 - 13:51

Симовски: Никој не може да добие формулар како се изјаснил на пописот

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска изјави дека нема потреба бугарските здруженија во земјава да бараат посебна графа во пописот, бидејќи таква графа веќе има.

Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Прифатниот центар за бездомни семејства во Визбегово, Симовски истакна дека никој не може да добие формулар како се изјаснил бидејќи тоа се лични податоци и не смеат да се даваат јавно.

– Ниту еден граѓанин, ниту кај нас, ниту било каде во светот, не може да добие формулар како се изјаснил. Тоа се лични податоци и тие остануваат кај нас, не смеат да се даваат јавно. Ова е право кое постои откога постојат пописите и важи за сите земји во светот. Жал ми е што одредени држави, не е само бугарската, барале од нас и досега и во изминатите години, за оние лица кои аплицирале за нивно државјанство, да достават како се изјасниле. Никој ниту некогаш добил, ниту ќе добие, ниту има право да добие формулар, ниту пак ние смееме да дадеме ваков податок, потенцира Симовски.

Нагласи дека кога граѓанинот се изјаснува за својата припадност, не може да му се влијае на кој било начин затоа што графата е празна и со впишување на првите три букви се појавува сето она што како припадност го има во кодексот на шифри.

До утринава до 8 часот, како што соопшти, преку апликацијата за онлајн попишување биле попишани 18 илјади лица.

Уште еднаш повтори дека апликацијата е безбедна и ги отфрли сомневањата дека внесените податоци може да бидат искористени од страна на фирмата која ја има изработено апликацијата.

– Базите се максимално заштитени, кај нас се и никој друг однадвор нема пристап до тие бази на податоци – ниту фирмата која ја направила апликацијата, ниту кој било друг, освен нас. Дури и во самата институција има строго определен протокол кој може да влегува во овие бази. Тоа се лица кои имаат сертификати и кои се претходно проверени значи, ни јас лично немам право да влезам во овие бази на податоци, рече Симовски.