Македонија
4. August 2015 - 8:22

Силно невреме во Тетовско, петмина загинати од свлечишта и порои

Четири деца се загинати од свлечишта при силното невреме што вчера го зафати тетовскиот регион. Според СВР Тетово, во двор од куќа во Голема Речица поплавата донела безживотно тело на дете од околу 10 години. Од тетовската болница информираа дека кај нив е донесено безживотно тело на 13-годишно девојче, најверојатно од Шипковица.

Според непотврдени информации на жители од планинското село Шипковица, како што јави дописникот на МИА од Тетово, невремето усмртило две деца на возраст од четири и пет години, при што телото на едното дете се уште не е пронајдено, а загинал и еден маж од околу осумдесет години додека се враќал од селската џамија.

До Шипковица вечерва не може да се дојде поради одрон што го блокирал патот, а селото е и без струја. Блокиран е приодот од Тетово кон  Голема Речица, односно улицата 172 каде тетовската подружница на Дирекцијата за заштита и спасување ангажирала осум булдожери и друга тешка механизација. 

Невремето предизвика и прекин на сообраќајот кон Попова Шапка, патот Тетово - Јажинце, како и помеѓу селата Горно Орашје, додека во Доброште надојдените води го урнале и однеле бетонскиот мост.

Дождот и ветрот предизвикаа штети и во градот при што беа поплавени улици и куќи, имаше оштетено и покриви, а од паднатите дрвја и гранки имаше и оштетени автомобили. Надојдените води на реката Пена се излеаја на повеќе места  низ Тетово и неговата околина, но најкритично беше кај мостот на булеварот „Индустриска“.  Реката поради големата количина на дрвја и камења го затрупала преминот под мостот и се излеала по булеварот поплавувајќи ги околните куќи, дуќани и други објекти. 

Сите надлежни служби се на терен и работат на расчистување и санирање на последиците од невремето што го зафати тетовскиот регион. ас/паг/23:15