Македонија
27. February 2020 - 16:33

Силниот ветер го „разголе“ МЕПСО и уриваше кровови низ Скопје

Едно лице е повредено откако кров падна среде булеварот „Партизански одреди“ во синоќешното невреме кое беше проследено со ветер од 100 километри на час. Лимови и остатоци од кровната конструкција и денеска беа видливи на двете страни на булеварот.

Ветрот го одвеа и кровот на средното хемиско училиште.

Дел од фасадата на зградата на МЕПСО падна врз две службени возила, а се уште не е безбедно да се расчисти теренот бидејќи дел од фасадата виси.

Скопскиот градоначалник отфрла вина за кровот на Хемиско. Вели дека пред шест месеци била реконструирана само фасадата, бидејќи кровот бил сменет во 2009. година.

-Настава нема да има, учениците се пуштени од часот. Проценката беше дека нема потреба да се изврши реконструкција на нешто што било направено многу бргу. Ние направивме реконструкција исклучиво на фасадата, ја направивме енергетски ефикасна. Меѓутоа, за жал, како што може да видите состојбата на кровот е таква каква што е, рече Шилегов. 

Фасадата на МЕПСО ги скара политичарите за проектот „Скопје 2014“. Шилегов на Фејсбук напиша дека невремето е причина повеќе за да се „реши“ овој проект.

-Скопје 2014 мора да се реши. Сега и веднаш. Најбрутално. На истиот начин на којшто го силуваа нашиот град. Почнуваме после изборите, напиша Шилегов на Фејсбук.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје побара од Шилегов, наместо да биде градски матичар на фасади и кровови, да биде градски татко кој ќе почне да работи.

-Петре Шилегов наместо да води евиденција кој кров во чие време е изграден, нека засука ракавите и нека го среди хаосот во кој ги остави скопјани дваесетина часа по невремето, се вели во реакцијата.

Се уште се прави проценка на штетата на зградата на МЕПСО.

-За проектот насловен како „реконструкција и адаптација на зградата“ кој имал за цел подобрување на енергетската ефикасност минатата влада потрошила повеќе од 10 милиони евра. Поради повеќе наследени состојби и пропусти во изведбата донесена е одлука за спроведување на внатрешна ревизија која треба да утврди фактичка состојба во однос на активностите преземени од изведувачот и согласно склучениот договор во 2013 година, рече директорката на МЕПСО, Ева Шуклева.

Шуклева најави дека ќе се направат анализи дали да биде отстранет оштетениот дел или целата фасада.