Македонија
7. October 2021 - 8:01

Силна ЕУ поддршка за решавање на спорот – Заев за преговори без задирање во идентитетски прашања, Радев за гаранции пред тргање на ветото

Спорот меѓу Македонија и Бугарија, кој доведе до бугарско вето за почеток на преговорите на земјава со Европската Унија, беше една од водечките теми на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа вчера во Брдо кај Крањ, под покровителство на словенечкото претседателство со Унијата.

Силна поддршка за надминување на спорот со Бугарија дадоа вчера лидерите на Европската Унија, внесувајќи го ова прашање и во самата Декларација, која произлезе од Самитот и потенцирајќи дека неотворањето на преговорите со Македонија и Албанија влијае и врз кредибилитетот и довербата во Унијата во регионот, јави известувачот на МИА од Брдо кај Крањ.

Во Декларацијата меѓу другото се потенцира дека ЕУ целосно ја поддржува изразената обврска на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ.

– И натаму останува важно билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати. Понатамошни одлучни напори се неопходни за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, како и да се пронајдат и спроведат, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Спогодбата за прашањата за сукцесија, конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања меѓу партнерите кои се вкоренети во наследството од минатото, а исто така и за преостанатите случаи на исчезнати лица и за прашањата во однос на воени злосторства, се нагласува во документот.

За важноста на ова прашање говореа и двете посебни средби кои вчера на маргините на самитот ги остварија премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев. Едната со челниците на ЕУ – претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и словенечкиот премиер Јанез Јанша и втората со лидерите на двете најмоќни земји во Унијата, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Средбите се гледаат како обид да се придвижат преговорите меѓу двете земји, со цел да се најде решение и да се крене бугарското вето, со можност за позитивен исход до Самитот на ЕУ во декември, но освен патоказот пет плус еден, како можно решение, изјавите дадени по средбите не наговестуваа дека Скопје и Софија ги приближиле позициите.

Заев по завршувањето на Самитот во изјава за медиумите истакна дека чекорите и блокадите што ги презема бугарскиот преседател Румен Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани и додаде дека за нас е прифатливо во духот на европските добрососедски односи да ги интензивираме разговорите со Бугарија.

– Ние велиме да, можеме и мораме. Двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Македонија, како што ни прилега со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така не е нова вест дека нашиот гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговори, истакна Заев.

Тој нагласи дека на Самитот е добиена уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство во Унијата и потенцира дека граѓаните не му дале мандат да оправда политики од минатиот век.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

– До сега не постои земја членка на ЕУ која има каква било забелешка за нашите реформи. Нашиот напредок во интеграциите во ЕУ првенствено треба да зависат од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година, нагласи претседателот на Владата.

Тој наведе дека пораките од францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел на Самитот се јасни.

– За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не кон минатото. Но за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбра таа порака, заклучи Заев.

Радев во изјава за медиумите, пак, рече дека интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ е континуиран приоритет на бугарската надворешна политика и поддршката на Софија за тоа е конзистентна, а се базира на клучните принципи на индивидуални достигнувања во исполнувањето на критериумите за реформи и важноста за одржување добрососедски односи.

Говорејќи со заедничките средби со Заев истакна дека темата била изнаоѓање начин за надминување на препреките пред започнувањето на преговорите за членство на Република Македонија, тема која, како што рече, „е од исклучителна важност за регионот, за македонските Бугари и за местото и улогата на Бугарија во ЕУ“.

 

 

 

 

 

 

 

 

– Македонија не може да помине катарза. Нашите позиции се јасни, се додека нашите сонародници подлежат на суптилна асимилација, со текот на годините се потиснувани и нивните основни права и не се интегрирани целосно во Македонија, ние не можеме да кажеме „да“ за почеток на преговорите, изјави Радев.

Тој повторно се осврна на тоа дека Македонија треба да ги исполни своите обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и ја потенцира потребата од јасни законски гаранции дека Скопје ќе ги исполни своите обврски пред Софија да го укине ветото за почеток на преговорите.

Патоказ со пет плус едно прашање како можност за решение

Патоказот со пет плус едно прашање како можно решение за спорот вчера беше споменат и од високите претставници на Унијата. Патоказот би требало да биде готов до почетокот на ноември, а во него би имало решенија, кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес.

Потпретседателката на ЕК, Фон дер Лајен на завршната прес-конференција на Самитот, порача дека неотворањето преговори со Македонија и Албанија го загрозува кредибилитет на ЕУ и поддршка во регионот.

– Важно е да се знае дека Европската комисија работи интензивно за да се пронајдат клучните прашања во билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија, тоа се „пет плус едно“ прашање, за да се состави патоказот, како практичен чекор кон решавање на овој проблем, рече Фон дер Лајен.

Како што јави известувачот на МИА од Брдо кај Крањ, таа во овој контекст додаде дека дијалогот, волјата за решавање проблеми и капацитетот да се решаваат тешки и сложени прашања, се во срцето на она што е и самата Европска Унија. Таа изрази уверување дека овие прашања можат да се решат.

– Свесна сум за фактот дека прво треба да ги решиме прашањата, тука е билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија и убедена сум дека ќе најдеме решение, а важна беше и силната поддршка за ова изразена на Самитот, рече таа.

Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање да го објасни овој план рече дека станува збор за точките, кои се дел од нашиот патоказ, што го доставиле на разгледување во Бугарија при посетата на земјата на 17 јуни оваа година.

– Се работи за точки коишто се решливи, не е дека не се решливи и се работи за нешто на кое што дополнително треба двете страни да се посветат. Од наша страна постои подготвеност да влеземе во решавањето. Прво, е многу важно што македонскиот јазик, македонскиот народ не се допираат со овие пет точки, туку се работи за дипломатска нота – кратко/долго име, за немешање во внатрешни работи, за говор за омраза и организирање од двете страни како тоа да го намалиме, за интензивирање на работата на експертските комисии коишто треба да имаат барем определено колку пати годишно ќе се среќаваат, како и тоа што го спомнавте за делот на бугарската етничка група во Македонија. Ние немаме проблем со тоа прашање, наведе Заев.

Радев, пак, потенцира дека за кревање на бугарското вето потребно е почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, искоренување на јазикот на омразата, толкувањето за Бугарија од учебниците и спомениците.

– Очекуваме билатералниот протокол од 6 точки да биде готов до почетокот на ноември. Во протоколот има решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес. Мене ме интересираат обврзувачките работи што треба да бидат завршени до почетокот на преговорите, за да кажеме „да“, додаде бугарскиот претседател Радев.

 

 

 

 

 

 

Тој направи паралела и меѓу спорот со Грција, нагласувајќи дека Бугарија бара како што беше призната историската вистина во односите на Македонија со Грција, така да биде призната и историската вистина во односите со Бугарија, но Заев истакна дека ние имаме Договор со Бугарија и оти во тој Договор имаме многу важни елементи. За евентуален нов договор, рече дека такво прашање не било отоворено никаде досега.

– Ние зборуваме за протоколот или роуд мапа, за патоказот или како и да го наречеме за тој дел, тоа е едниот елемент и другиот елемент е секако односот Бугарија со ЕУ со преговарачката рамка каде што таму очекуваме чисти работи – значи македонски јазик, преводот на „аки-то“ нема дилема и секако стандардна преговарачка рамка, како и за сите земји кандидатки, истакна Заев.

Поддршката за надминување на спорот дојде од сите европски лидери. Претседателот на ЕС, Шарл Мишел на завршната прес-конференција истакна дека во однос на отворените прашања во регионот поврзани со историски теми, теми за минатото, за малцинствата и нивниот третман, во ЕУ сакаат да видат напредок.

– ЕУ од своја страна е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста и да ги охрабрува и да биде олеснувач помеѓу различните засегнати страни со цел да делуваат одговорно, но потребни се, рече, политички одлуки за напредок на овие земји, истакна Мишел.

Францускиот претседател Макрон, пак истакна дека на Самитот во преден план на маса беше ставен спорот меѓу Скопје и Софија и додаде дека е потребно да му се дадат краткорочни перспективи на регионот.

– Денеска во преден план на масата се најдоа и дискусиите меѓу Македонија и Бугарија. Треба да напредуваме по овие прашања. Но, нашата желба е да му се дадат вистински краткорочни перспективи на Балканот. Тој е во Европа, Западен Балкан е во Европа, изјави вчера Макрон, кој изрази загриженост поради враќањето на историјата и големите тензии во регионот, залагајќи се за заеднички пристап кон малцинствата во целиот регион.

– Денес на еден начин имаме враќање на историјата и големи тензии, на кои треба да се одговори со политички ангажмани и со инвестирање за да се овозможи поголема трговска, човечка интеграција на регионот. И на крај да имаме политика, да имаме заеднички пристап за начинот на кој се третираат малцинствата, прашање кое го опфаќа целиот регион, порача францускиот претседател.

Холандскиот премиер, Марк Руте, пак, истакна дека неговата земја се надева оти по изборите во Бугарија, ќе дојде до напредок во надминување на спорот меѓу Скопје и Софија и оти ќе стори се што е во нејзина моќ за надминување на бугарската блокада за старт на пристапните преговори Македонија со ЕУ.

– Ќе треба да почекаме на изборите во Бугарија. Не сум среќен со фактот што пристапните преговори со Македонија се уште се блокирани. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме се што можеме за тоа да се случи, нагласи Руте.

ЕУ со безрезервна поддршка за интегрирањето на Западен Балкан, но и со акцент на сопствениот развој

Регионот вчера од Самитот во Брдо кај Крањ доби безрезервна поддршка за европската интеграција, потсетување на строгите критериуми што треба да ги исполни, но и помош во справување со ковид кризата, како и инвестициски план вреден 30 милијарди евра во следните седум години. Но, доби и потсетување дека ЕУ во целиот тој процес ќе се фокусира и на самата себе, на своите внатрешни предизвици и на реална проценка и надградба на капацитетите да прима нови членки.

– ЕУ ги потврдува одново својата посветеност на процесот на проширување и своите одлуки донесени во таа врска, врз база на кредибилитетот на реформите на партнерите, справедливата и строга условеност и принципот на сопствените заслуги. Ќе ја зајакнеме уште повеќе нашата заедничка заложба да се унапреди политичката, економска и социјална трансформација на регионот, признавајќи го истовремено напредокот што го постигнал Западниот Балкан. Потсетуваме, исто така. дека е важно ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членки, се наведува во Декларацијата.

Беа поздравени реформите во клучните области – владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, слободата на медиуми и економските реформи и беше потенцирано дека е потребно да се одржи нивниот курс.

– Пораката на Европската комисија е многу јасна – Западен Балкан е дел од истата Европа како и ЕУ. Ние делиме иста историја, исти интереси, вредности и убедена сум оти делиме и иста судбина. ЕУ не е комплетна без Западен Балкан. Европската комисија ќе прави се за да го забрза процесот на проширување и европската интеграција на регионот. Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија и нема сомневања дека нашата цел е проширувањето, истакна Фон дер Лајен на завршната прес-конференција.

Временска рамка за интегрирањето на регионот не произлезе од овој Самит, а словенечкот премиер Јанша истакна дека неговата земја поддржува „флексибилна временска рамка“ за идните чекори за проширување. Тој напомена дека таа точка не е вклучена во Декларацијата, но дека постои голема подготвеност на земјите членки во следната деценија да ја постигнат најголемата можна европска перспектива на Западен Балкан.

– Важно е дека Декларацијата го содржи концептот на проширување, кој е важен за земјите од Западен Балкан. Наша проценка е дека индивидуалните чекори во врска со проширувањето можат да бидат завршени во следната деценија. И во случајот со Словенија имаше индивидуален распоред, што даде поголем поттик за реформските процеси, заклучи Јанша.

Меркел од своја страна, пак, напомена дека учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан се согласиле дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европа, но дека таа не поддржала давање фиксен датум за нивно пристапување кон Унијата.

Следниот Самит ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи во 2022 година, а од овој земјите членки истакнувајќи ја неопходноста од зајакнување на соработката меѓу Унијата и регионот, порачаа дека и натаму ќе останат посветени на тоа да ги ислушаате сите Европејци во поглед на прашањата што се значајни за сите – заштитата на граѓаните и слободите, развивањето силна и динамична економска база, унапредувањето на зелената и дигиталната транзиција, владеењето на правото, справедлива и социјална Европа, зајакнувањето на отпорноста на Европа.