Македонија
23. October 2018 - 8:45

Силна американска поддршка за Договорот од Преспа

САД цврсто го поддржуваат Договорот од Преспа и тоа е од суштинска важност за евроатлантската иднина на Македонија.

Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер вчера за време на посетата на Македонија, изрази силна американска поддршка за Договорот од Преспа.

Тој на средбите со политичките лидери порача дека Македонија може да смета на силната поддршка од САД за евроатлантските интеграции на земјата.

Палмер рече дека осумдесетте гласа за поддршка на Договорот од Преспа во Собранието претставуваат историска пресвртница и го отвораат патот за европска иднина на Македонија и македонскиот народ.

– Сметаме дека јавноста ја поддржува оваа спогодба. Задоволни сме од исходот на процесот на гласање во петокот. Тоа е глас за иднината и тесно ќе соработуваме со Владата и со сите пратеници кои гласаа за Спогодбата со цел таа целосно да се спроведе, потоа Грција да си ги исполни своите должности за ратификацијка на договорот, за да може да направите напредок во зачленување во евроатланските институции, оцени Палмер.

На прес-конференција со премиерот Зоран Заев, Палмер рече дека не е никаква порака што не остварил средби со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со претседателот Ѓорѓе Иванов, и оти при секоја посета има определено време и треба да се направи избор како тоа да се искористи.

–  Јас детално разговарав со Мицкоски тој испрати и писмо кое јас внимателно го прочитав, каде што тој ги изнесува ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, се сретнав и со многу членови на македонскиот Парламент вклучително и со пратеници од опозицијата, така што тоа не е моја порака до нив, рече Палмер.

Заев посочи дека средбата со Палмер доаѓа во исклучително важен момент на Македонија и само неколку дена по големиот исчекор кон иднината направен во Собранието.

– Пратениците храбро преземаа одговорност, испишаа историја и ја отргнаа Република Македонија од заканата повторно да се врати од темното минато, го спречија ризикот на нова изолација која овој пат ќе добиеше катастрофални димензии за земјата. Наместо тоа, храбрите и одговорни народни избраници со својот глас ја докажаа подготвеноста да ја остварат својата визија, а тоа е Македонија да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ, изјави премиерот.

Поддршка за Договорот од Преспа и изгласувањето на почетокот на уставните измени во Собранието изрази и Франција.

– Франција со задоволство констатира дека гласањето на 19 октомври во Парламентот на поранешната југословенска Република Македонија го имаше потребното двотретинско мнозинство, за отпочнување на делот за разгледување на уставните амандмани, наменети за спроведување на Преспанскиот договор, склучен на 17 јуни помеѓу Атина и Скопје. Франција се надева дека дискусиите во Парламентот ќе доведат до ревизија на Уставот. Како што потсети претседателот Макрон, Преспанскиот договор е добар за земјата, за регионот и за Европа, се вели во изјавата на портпаролот на Министерството за Европа и Надворешни работи на Франција, Госпоѓа Ањес фон дер Мил, пренесува Амбасадата на Франција.

Во врска со гласањето во македонскиот Парламент се огласи и руското Министерство за надворешни работи, кое оцени дека гласањето, со кое е обезбедена поддршка за почеток за уставни измени заради имплементација на Договорот од Преспа, е последица на уцени, закани и купување гласови.

Руското МНР во соопштение наведува дека САД манипулирале со „нерегуларно гласање“ во македонскиот Парламент при донесувањето одлука за промена на името.

– Обрнавме внимание на гласањето што се случи на 19 октомври во Парламентот на Македонија со измените на Уставот кои се потребни за промена на името и стапување на земјава во НАТО. Се беше организирано по каноните на „современата европска демократија“, се наведува во коментарот на руското Министерство и се додава дека тоа што се случило во Собранието е „отворено кршење на сите норми и од законска, и од морална гледна точка“.

Откако Собранието на Република Македонија во петокот доцна вечерта ја донесе одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа, течат и петнаесетте дена, колку што Владата, како предлагач на уставните измени, има рок да достави нацрт-амандмани на Уставот до Собранието.

Премиерот Заев во неделата изјави дека нема против во уставните амандмани да се внесат барањата на неколкутемина пратеници од опозицијата кои гласа „за“ во петокот. Според него, тие барања не отстапуваат од Договорот склучен со Грција.

Тој тогаш уште еднаш повика преку инклузивен процес надвор од политичките определби, власта и опозицијата да седнат заедно и да ги дефинираат точно уставните амандмани и заедно да го поддржат, како што рече, овој важен процес за РМ, што конечно ќе ја обезбеди сигурноста, безбедноста, стабилноста  и економскиот раст и развој на Макеоднија.

Со гласањето во Собранието во петокот, заврши првата фаза од измените на Уставот. Во втората треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас во Собранието. Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.