Македонија
19. April 2019 - 20:54

Сиљановска во Пробиштип: Оваа власт од реформи спроведе криминал, корупција, клиентелизам, непотизам

Мислам дека оваа пролет власта ќе си замине, а ние прво на претседателското место, а потоа и во владата со новиот премиер доаѓаме, истакна Сиљановска Давкова денеска во Пробиштип.
 
Таа порача дека со нејзе доаѓаат и жените бидејќи досега не сме имале жена претседател на Собрание, не сме имале жена премиер, ама редно е да се почне од жена претседател на државата.
 
Во 21 век власта нема проблем што треба да се смени името, немаат проблем што за нас велат дека одново сме биле најмладата држава и нација, 75 годишна возрасна жена Македонија, била најмладата нација и држава. Тоа што сме го зацврстиле идентитетот, а тие го осквернавиле го нагризале и сега ние треба да докажуваме игнорирајќи ја нивната придавка „северна“ дека се согласуваме на промена на идентитетот. Идентитет нема да дозволиме да се смени, зошто е тоа дел од нас.
 
Идентитетот не сме го создале ние, а уште помалку премиерот и тие околу него, нагласи Сиљановска Давкова. Таа појасни дека идентитетот е граден со векови, идентитетот е неразделен од името Македонија, идентитетот е неразделен од македонскиот јазик, идентитетот не трпи придавка „северна“. Зошто тој беше е, и ќе си остане македонски.
 
Сиљановска Давкова додаде дека срамот власта ќе го носи додека се живи. Никогаш нема да им се заборави ова. Зошто никој досега од АСНОМ до денеска не го направил тоа што го направија тие.
 
Ако беше толку едноставно, иако беше толку безболно сигурно уште во 90-тите години по нивниот модел ќе го решеше некој проблемот. Ама јас кога се повикувам на славни државници и политичари велам во 90-тите години на сите умни луѓе им беше јасно дека спорот е вештачки. Дека не може соседот да има спор со моето име. Може да има со своето. Ама јас не можам да му помогнам ако тој има спор со моето име, нема логика, рече Сиљановска Давкова.
 
Таа напомна дека оваа власт од реформи спроведе криминал, корупција, клиентелизам, непотизам. Во овие реформи никој не може да ги надмине, шампиони се.
 
Ама не може да го лажете народот цел мандат, можете да го убедувате дека жртвата била неминовна и дека таа е влезот, визата на патот кон ЕУ. Ништо од датумот за преговори за ЕУ. Не се оди во ЕУ со економија и економски амбиент оценети со нула. Нашиот премиер постојано си игра со бројките на
вработените те 48.000, те 26.000, па министерот за финансии 28.000, па другиот министер за информатика 26.000, тоа е статистика што нема никаков основ. А, бараат од друга страна сите експертски сили да се собереле за да им помогнеле во реформите на патот кон ЕУ, истакна Сиљановска Давкова.
 
Таа додаде дека власта единствено се фали дека го реформирале името. Тоа не е реформа тоа е катастрофа. Тоа е погубен потег.
 
На 21 април и на 5-ти мај ќе сфатат дека нивното време истече. Нашето време доаѓа, порача Сиљановска Давкова. Таа вети дека како претседателка ќе се обиде секој ден, на секој чекор да ги уверува граѓаните дека таа нема да се фали дека добила уште една функција туку да решава македонски проблеми. Вети дека ќе им помогне и на текстилните работници, за да се почитуваат и нивните права, да не се чувствуваат загрозено и да ги мачат.
 
На власта партијата им е поважна од народот. Статусот им е поважен од народот. Ама министер во превод значи слуга на народот, а не 102% слуга на премиерот, истакна Сиљановска Давкова.
 
Сиљановска Давкова им вети на граѓаните кога таа ќе стане претседател на Република Македонија ќе се бори правдата и правдината да завладее конечно во државата, и да се стави крај на црнилото кое владее во моментот. Со нејзината победа доаѓа ново македонско време, време на правдата која ќе
завладее во Република Македонија.