Македонија
23. April 2019 - 16:08

Силјановска ќе бара поддршка од бојкотирачите и шарена револуција

Средби со сите оние кои го бојкотирале првиот круг гласање поради промената на името, но и со незадоволните од шарената револуција најави вчера кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова во разговорот за Сител. Средбите ќе бидат во насока да ги убеди дека на 5 мај сепак, треба да гласаат и тоа за нејзе.

Од нејзиниот тим, најавуваат и дека наскоро ке има јавен повик за средба  до сите незадвоолни кои не излегоа на гласање на 21 април. Засега нема агенда со кого точно би се сретнала кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Неофицијално, меѓу они со кои Силјановска Давкова би се сретнала се и партиите Интегра на Љупчо Ристовски и Глас за Македонија на Солза Грчева. Двете партии делуваат опозициски, но пред гласањето на 21 април повикаа на бојкот на изборите.

Претседателството на Глас за Македонија вечерва ќе има и состанок на кој ќе го гради својот став за тоа каква порака да испратат на своите поддржувачи за гласањето на 5 мај. Не е исклучено, партијата да го промени ставот и да ја даде поддршката на Силјановска.

Силјановска  веќе испрати јасна порака дека на свое конто ги посакува и гласовите на Блерим Река кој отпадна од претседателската трка. Таа денеска го критикуваше и ставот на косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли кој повика Албанците да гласаат за Стево Пендаровски.

Повикот и средбите се дел од трката за глас повеќе во вториот изборен круг имајќи предвид дека Силјановска и нејзиниот против кандидат Стево Пендаровски речиси имаат изедначен број на гласови од првиот круг, а излезноста беше на работ од потребниот цензус за вториот круг од 40 отсто.