Македонија
4. April 2019 - 22:00

Силјановска: Илезете на изборите, зошто без вас нема победа, нема промени, нема чекорење кон ЕУ

Илезете на изборите, зошто без вас нема победа, нема промени, нема чекорење кон ЕУ – порача вечерва од Виница, кандидатката за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, подржана од ВМРО ДПМНЕ.

„Деновиве од Хан чувме дека веројатно ќе дојде до подготвителни разговори за почеток на преговори со ЕУ. Лани ова време, слушавме дека штом ќе се случи Преспанскиот договор и дека ќе се реши проблемот со името, тоа ќе значи добивање датум во јуни. Јуни е блиску. Јас сум сигурна дека нема да добиеме почеток на преговори. Далеку дека јас не сакам Македонија да ги почне преговорите. ЕУ и самата си има домашни задачи и проблеми, после Брегзит, сега на дневен ред ќе дојде и анализата на критериумите за исполнување за почеток на преговори. Единствена промена што ја направи оваа власт е болната промена на името. И уште не убедуваат дека името нема врска со идентитетот, но ние што се бавиме со уставното право знаеме дека името е најголемиот идентитски симбол. Од раѓање до денеска сите ние сме живееле со името. Македонската нација се формираше во 19 век. Името не одбрало нас, рече Силјановска Давкова.

Ние ќе треба набрзо кога ќе вадиме документи не само да ги лажеме останатите, туку и сите други треба да ги лажеме дека сме се родиле во нивната Северна Македонија, а не во нашата Македонија. Ние само бараме она што е подведено под правото на самоопределување, а тука влегува и правото на име, устав, химна, додаде Силјановска Давкова.

Кажувам, заборавам, негирам, е филозофијата на оваа власт. Ние одиме со друга филозофија, кажуваме, исполнуваме. ЕУ е заснована на вредносни принципи, а тоа е и моралниот принцип.

Ја негираат нашата национална припадност. Оваа нација, по балканските војни била поделена, ама тоа не значи дека од онаа страна на границата нема Македонци. Ама сега слушаме дека тоа биле етнички Грци. Да речеа политички Грци би разбрала, а вака ова значи дека некој ја спори македенската нација. Таа нација се развивала со години. Во 19 век барале македонската нација да добие своја држава, ама сега велиме дека мешање во внатрешните работи на Грција е да се рече дека во Грција има македонско малцинство. Тоа било мешање во внатрешните работи, а не е мешање ако некој однадвор ви каже дека треба да го смените уставот и името, рече Силјановска Давкова.

Ние не сме против договарање и преговарање, но не сме за кршење на уставот и меѓународното право.

Мислам дека ако се победи на овие избори уште еднаш ќе се покаже недоверба не само кон власта, туку и кон се што беше сменето во овој период. Тоа ќе биде повик за заминување, но и повик за ново доаѓање, на нова коалиција  и нова партија.

Ако ме изберете, јас овде го давам мојот збор дека тоа што сум го напишала и ветила ќе го исполнувам дури и повеќепати од ветеното. Една од првите мерки е да се откажам од претседателските привилегии“, кажа Силјановска.