Сиљановска Давкова денеска на Шекеринска ќе и го честита изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска лично ќе и го честита на Радмила Шекеринска назначувањето за заменик-генерална секретарка на НАТО.
Како што објави претседателката на нејзината Фејсбук страница во средата остварила телефонски разговор со Шекеринска, во кој ја поканила на средба за да и го честита изборот.
-Беше остварен телефонски разговор со госпоѓата Радмила Шекеринска-Јанковска. Во разговорот ѝ е упатена покана за средба со цел да ѝ го честитам изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО. На предлог на госпоѓата Шекеринска, средбата ќе се одржи во петок, во 10 часот, напиша Сиљановска Давкова.
Сметам дека е најдобро, посочува претседателката, лично да ѝ изразам честитки за престижната функција, која е од големо значење, не само за неа, туку и за државата.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција рече дека Владата ја поддржала кандидатурата на Радмила Шеќеринска за заменик генерална секретарка на НАТО.
Премиерот посочи дека за Владата националното единство и националните интереси се пред и над партиските.
-Да се има Македонка во случајов заменик-генерален секретар на најмоќната и најдобро организираната воена алијанса во светската историја е навистина чест и тука ниту јас имав дилема, ниту ние како Влада, коишто бевме вклучени во овој процес дека треба да ја поддржиме кандидатурата и добро е што успешно се заврши, изјави Мицкоски, додавајќи дека телефонски се слушнал со Шекеринска.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте одлучи да ја назначи Радмила Шекеринска за негова идна заменичка, објави првиот човек на Северноатлантската алијанса.
- Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа вистински верува во НАТО, знае каква работа е потребна за приклучување во НАТО и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа штом ја презема оваа витална улога, наведува Руте во соопштението објавено на веб страницата на Алијансата.
Ново на Сител
-
Политичките партии со реакции по вчерашното дивеење низ Скопје
-
МВР постапува за сквернавењето на знамето
-
Во Македонија има над 140.000 кучиња миленици
-
Патот Кичево – Охрид клучен за развој на охридскиот бизнис
-
Штип во борба со корупцијата
-
Преглед на вестите од светот
-
Советниците на средба со превозниците во Град Скопје
-
Тема на денот со Ненад Марковиќ