Фудбал
17. August 2020 - 11:00

Силекс тргнува за Баку

Фудбалскиот прволигаш Силекс во добро расположение и со ведри мисли утринава со чартер лет тргнува за Азербејџан, каде утре ги очекува настап во првото квалификациско коло на Лигата на шампиони. Противникот е добро познат, Карабах, клуб кој е редовен учесник во групната фаза на Лигата на шампиони и Лига Европа последниве шест години. Искуството е на страната на клубот од Агдам, азербејџанците имаат годишен буџет десетици пати поголем од оној на Силекс, и играат на домашен терен. Сето тоа ги прави изразити фаворити, но тренерот на кратовци, Горан Симов, смета дека никој не смее да им ја ускрати надежта на неговите фудбалери, фудбалската бајка во која деновиве живеат.

За квалитетот на противникот е свесен и капитенот на кратовци, Ангелче Тимовски, но тој капитенски порача дека во Баку патуваат по изненадување.

Силекс веќе подолго време игра во извонредна форма, впрочем кратовци немаат пораз уште од октомври минатата година, а притоа нанижаа вкупно 26 меча без да го положат оружјето. Еден од најзаслужните за постигнатиот успех е играчот за врска Виктор Серафимовски, од кого се очекува да биде лидер на тимот на гостувањето во Баку.

Мечот Карабах – Силекс се игра утре пред празни трибини на стадионот Тофик Бахрамов во Баку, со почеток во 18 часот. Судиската четворка ќе биде од Украина, на чело со Јарослав Козик.

Оливер Арсовски