Македонија
19. December 2017 - 10:54

Сијарто: Унгарија ќе ја поддржува Македонија без разлика кој е на власт

Унгарскиот министер за надворешни работи и за трговија Петер Сијарто во интевју за МИА, кое ќе биде објавено денеска, нагласи дека неговата земја ќе ја поддржува Македонија на патот на европската и евроатланската интеграција без разлика кој е на власт. 

Запрашан за поддршката која поранешниот премиер Никола Груевски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, ја уживаа и додека беа на власт и сега во опозиција од партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Сијарто вели дека двете партии се сестрински во рамки на Европската народна партија и оти тој и Унгарија се добро запознати со, како што рече, напорите кои Груевски ги вложувал во процесите за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.

Не сакаше да коментира дали ВМРО-ДПМНЕ по оставката на Груевски и обидите да се избере нов лидер и да се реформира има шанси да стане вистинска демократска опозиција во Македонија.

- Не е фер од моја перспектива да дадам суд за ова. ВМРО-ДПМНЕ е наша сестра партија, во Европската народна партија. Врз основа на резултатите од изборите тој повеќе не е премиер, тоа е волја на вашиот народ. Јас нема да бидам во онаа група луѓе, кои ќе му стават црта на поранешниот премиер, вели Сијарто.

Посочи дека Унгарија отсекогаш била гласен поддржувач на интегарцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, и дека тоа така и ќе остане.

За спорот за името со Грција смета дека мора да се реши на билатерална основа.

- Секое мешање од трета страна нема да биде од помош, вели Сијарто во интервјуто за МИА.

Во врска со тоа дали очекува победа на Фидес на парламентарните избори следната година, имајќи ги предвид негативните трендови во Европа во однос на премиерот Орбан, кој е критикуван дека е популист, но и генералното расположение на унгарската јавност, првиот унгарски дипломат истакнува дека европските институции не се тие кои одлучуваат кој ќе победи во Унгарија.

- Најдобро е унгарските граѓани да одлучат за тоа кој ќе биде на власт. Во врска со јавното мислење унгарските граѓани гласаа два пати во корист на премиерот, вели Сијарто.

И покрај рангирањата на Фридом хаус и Репортери без граници, смета дека Унгарија се карактеризира со шареноликост во медиумската сфера, каде секој може слободно да ги изнесе својот став.

Унгарија, нагласува Сијарто, останува на ставот дека нема да прифати никакви квоти за бегалците, бидејќи системот на задолжителни квоти го смета за мошне лош пристап кон миграциското прашање