Македонија
15. November 2018 - 18:06

Сијарто: Барањето на Груевски за азил во Унгарија е правно, а не политичко прашање

 Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто изјави денеска дека проблемот во врска со барањето на поранешниот македонски премиер Никола Груевски за азил во Унгарија е од правна, а не од политичка природа, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Тоа е правно, а не политичко прашање. Останува на нашите надлежни служби да го разгледаат барањето на Груевски, одговори кратко Сијарто на новинарско прашање на прес-конференцијата што попладнево во косовскиот главен град ја одржа заедно со неговиот домаќин и хомолог Беџет Пацоли.

Шефот на унгарската дипломатија рече дека неговата земја го поддржува Косово во напорите за визна либерализација и оти Европската унија (ЕУ) прави неправда со тоа што не ги укинува визите за граѓаните на Косово.

– Нашата политика на поддршка за вашата интеграција во ЕУ и другите организации останува непроменета. Унгарија ќе остане посветен поддржувач на визната либерализација за Косово. Неправедно е како се однесува ЕУ кон Косово во однос на визите, бидејќи Косово ги исполни барањата, рече Сијарто, нагласувајќи дека Унгарија во Советот на министри на ЕУ ќе гласа „за“ визна либерализација.

Тој се осврна и на процесот на преговори меѓу Косово и Србија за постигнување конечен договор за споровите меѓу двете земји.

– Ние целосно ве поддрржуваме во вашите напори да постигнете успех во дијалогот со Србија. Ние сме блиску до Западен Балкан и разбираме што значи да се има мир и стабилност. Се надеваме дека ќе бидете успешни во овој процес, порача Сијарто.