Свет
16. March 2021 - 11:02

Швајцарската компанија „Рош“ ќе произведува тестови за откривање нови мутации на коронавирусот

Швајцарската фармацевтска компанија „Рош“ објави дека работи на нов дијагностички тест насочен кон откривање нови варијанти на коронавирусот во лабораториски услови.

Новиот тест, што ќе се користи во лабораториски истражувања, треба да им олесни на научниците да ги следат мутациите на вирусот, нивната распространетост и потенцијалното влијание врз дијагнозата на инфекции, вакцини и третмани, се вели во соопштението на швајцарската компанија.

Наречен Cobas®SARS-CoV-2 Variant Set 1, тестот овозможува откривање и диференцијација на разни мутации забележани во британската, јужноафриканската и бразилската варијанта.

„ Континуираното надгледување и следење на новите варијанти на коронавирусот е клучно за јавното здравје“, рече Томас Шинекер, директор на одделот за дијагностицирање во компанијата.

Следењето на новите варијанти ќе им помогне на здравствените системи да одлучат какви мерки ќе преземат за борба против Ковид-19, се вели во изјавата на „Рош“.