Македонија
11. April 2018 - 15:46

Швајцарска помош за справување со ризици од поплави

 Швајцарски експерти за справување со ризици од поплави ќе и помогнат на Македонија да изгради стратегија и да изнајде најсоодветни мерки за справување со поплавите и ризиците од катастрофи.

На работилницата што се одржа во рамки на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“, кој се спроведува од страна на Програмата за развој на ОН (УНДП) и е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и Швајцарскиот секретаријат за економски прашања (СЕЦО), експертите ги презентираа најновите меѓународни случувања и современи пристапи за намалување на ризикот од катастрофи.

Целта на проектот е да се направи суштинска промена во начинот на справување со ризикот од поплавите во Полошко, кој се смета за најранлив во однос на ова прашање. Само во 2015 и 2016 година во регионот се случија неколку поплави од кои една со катастрофални последици која однесе човечки животи и направи голема материјална штета.

Според швајцарскиот експерт за управување со кризи и намалување на ризици од катастрофи, универзитетскиот професор Маркус Цимерман, во текот на реализацијата на проектот што ќе трае четири години, треба да се подобри подготвеноста и да се зајакнат капацитетите на институциите за заштита од поплави. Предвидено е градење стратегиски важна инфраструктура, воспоставување системи за навремено предупредување и алармирање, како и одржлив урбанистички и економски развој во општините од овој регион.

На работилницата беа презентирани и наодите од истражувањето и оценувањето на Планот за управување со ризикот од поплави во регионот. Овие податоци ќе им овозможат на експертите и проектните партнери да предложат конкретни мерки за намалување на ризикот од поплави.