Свет
10. July 2019 - 12:05

Швајцарија најдобро место за живеење во светот

Швајцарија прогласена за држава со најдобри услови за живот на странци во светот. Квалитетот на живот, високите плати се главните причини за оваа земја да го заземе првото место на листата на  банкарската групација HSBC.

Во истражувањеето опфатени се 18.000 луѓе кои се доселиле во различни држави. 82 отсто од оние кои живеат во Швајцарија велат дека квалитетот на живот им се подобрил откако се преселиле таму, додека 70 проценти велат дека околината е многу почиста.

-Финансиските фактори, исто така, придонесуваат за популарноста на земјата, делумно благодарение на својот просперитетен сектор за финансиски услуги. Седумдесет и еден процент од оние кои се преселија во Швајцарија сега имаат повисоки нивоа на расположлив доход. Повеќето луѓе кои се преселија таму, исто така велат дека ја ценат економската и политичката стабилност, се вели во истражувањето.

По Швајцарија, следат Сингапур, Канада и Шпанија. Сингапур важи за држава каде има најдобри услови доколку се преселите со деца, со високо рангиран образовен систем.

Канада, пак, важи за држава каде странците се добредојдени. Шпанија е земја каде има најдобар баланс помеѓу работата и социјалниот живот.

-Иако преселувањето  може да биде предизвик, истражувањето покажува дека има многу што може да се добие од преселувањето во странство. Можност да се доживее поинаков начин на живот, да се научат другите култури и да се здобијат со нови вештини, се дел од потенцијалните придобивки, се вели во истражувањето.

Во претходните четири години, Сингапур беше на тронот на држави кои се најдобри за живот на странците.