Македонија
18. May 2016 - 13:13

Штрајк на судската администрација

Судската администрација денеска го почна најавениот штрајк барајќи исплата на додатоци на плата во висина од 35 проценти исто како што тоа е предвидено кај судиите, јавните обвинители и службениците во јавните обвинителства.

Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејаноски денеска изјави дека штрајкот се одвива според планираното и оти излезноста е над 90 проценти.

Тој додаде дека веќе оствариле средба со министерот за правда и се очекува да се сретнат со претставници на Судскиот совет со цел да се изнајде решение за нивното барање.

Штрајкот, како што посочи Дејаноски, ќе трае се додека не се исполни барањето.  

Во судовите се работат само итните предмети, а еден час вработените во судската администрација излегоа и пред судовите.

Одлуката за штрајк вчера беше соопштена на прес-конференција на која Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација појаснија дека ја донеле одлуката бидејќи Министерството за финансии нема постапено по препораката на Владата за обезбедување финансиски средства за зголемување на надоместоците и додатоците на вработените во судовите.