Македонија
13. February 2021 - 21:16

Што треба да се направи за да не се испразнат акумулациите во сушни години, како минатата?

Македонија уште долго ќе зависи од временските услови во битката со зачувување на водните ресурси. Експертите за хидрологија и хидроенергија со кои разговаравме велат доколку не се преземат конкретни чекори и да се воведат стандарди, ќе ни се повторува сликата со испразнети акумулации во сушна година како ланската. Предупредуваат водата да се користи оптимално за да не се испразнат сите вештачки акумулации и да се доведат до ниво на потоци. За актуелната состојба и менаџирање со акумулациите одговор побаравме од надлежните. 

Од ЕСМ велат дека производството на електрична енергија ќе биде согласно плановите за производство со рационално користење на хидропотенцијалот и постепено зголемување на исполнетоста на акумулациите. Очекуваат нови врнежи и зголемување на снежната покривка на планините која на пролет ќе резултира со зголемување на дотоците и забрзано полнење на акумулациите. 

Она што е нужно неопходно кога се во прашање стратегии и долгорочни планови за менаџирање, според професор Ордан Чукалиев е база на релевантни податоци кои сега ги нема.

Досега сите акумулации се менаџираат врз основа на познати принципи и модели како би се обезбедиле сите потреби кои зависат од водните ресурси за цела една година. Професорот Чукалиев смета дека хидроенергијата добро се регулира.

Хидролозите сметаат дека состојбата се подобрува со врнежите, но она што ни е потребно се повеќе снежни наноси како би имало доволно вода во текот на годината. Краен период од годината до кој може да се очекува акумулирање на вода е месецот мај.

Според истражувања на Светска банка за состојбата со климатските промени, прогнозите за земјава се дека се до 2025 година ќе растат врнежите, а потоа ќе следи сериозен пад. Проблемот со повлекувањето на Охридско, Преспанско и другите езера во суштина не се знае од каде потекнува. Основа за креирање на модели и менаџирање со акумулациите е базата на податоци која ќе биде интегрирана со податоците и од сите соседните држави како би дошле до заклучок дали човечки фактор влијае врз оваа состојба или сето ова ќе и го препишеме на природата.