Македонија
12. January 2019 - 19:10

Што точно се менува во уставот по вчерашното гласање?

Со 81 глас ЗА се усвоени  4 уставни амандмани од преспанскиот договор кои се однесуваат на менувањето на името во Република Северна Македонија. Со амандманот 33 зборовите „ Република Македонија“ се заменуваат со „Република Северна Македонија “ а зборот „Македонија “ со „Северна Македонија “ .

Зборот Македонија во постојниот Устав се споменува 288 пати. Придавката Северна ќе се примени на 287 места освен во членот 36 каде што зборот Македонија се користи во историски контекст. 

Со амандманот 34 усвоен во Собранието се прават неколку промени во преамбулата. Во групата на државотворни документи наместо одлуките на АСНОМ ќе стои правните одлуки од прогласот на АСНОМ. Меѓу документите ќе се внесе и Рамковниот договор.

Во Преамбулата се прават промени и во делот на граѓанскиот карактер на државата.  Преамбулата ќе почнува со зборовите -  „ Граѓаните на Северна Република Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“. 

Согласно преспанскиот договор,  амандманот 35 го гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет и политчката независност на соседните држави.  

Заштита на македонскиот идентитет се прави со амандманот 36. Таму изречно стои : Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ.

Со овој амандман се дефинира и грижата на државата за дијаспората.

„ Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината. “

Со двотретинско мнозинство беше изгласан и Уставниот закон. Со него се дефинира и државјанството. Од сега ќе гласи Македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија. Во овој закон се гарантира превод на државјанството на јазиците на етничките заедници. Ќе појаснува како на албански јазик ќе гласи државјанството за граѓаните Албанци.