Фудбал
23. September 2015 - 9:36

Што си помисли Левандовски откако постигна 5 гола!

Напаѓачот на Баерн Минхен Роберт Левандовски во вторникот го запиша своето име во историјата на германскиот и светскиот фудбал. Левандовски, во победата на Баерн над Волфсбург (5:1) ги постигна сите голови во интервал од само девет минути. Никој пред него не постигнал пет голови во толку краток временски период, а воедно тој е првата резерва со постигнати пет голови на еден натпревар.
 
„Ова е неверојатно. Само сакав да шутирам, не размислував што ќе се случи потоа. Имавме негатива на полувремето и знаевме дека мора подобро да играме во вториот дел, да постигнеме барем два гола за пресврт. Но пет, тоа е неверојатно“.
 
„Бев шокиран кога погледнав во семафорот – знаев дека беше брзо, но не толку. Кога сум на теренот сконцентриран сум само на фудбалот, но по четвртиот гол погледнав во семафорот и помислив: „Уф“. Гвардиола не ми кажа ништо, добро знам што треба да направам кога сум на теренот. Сепак ова е само еден натпревар, ќе мора да ги добиеме и наредните“, рекол Левандовски.
 
Инаку ова не е прв пат полскиот репрезентативец да има импресивна голгетерска серија на еден натпревар, во 2013 година, во полуфиналето на Лигата на шампионите, како играч на Борусија од Дортмунд сам го победи Реал, тогаш постигна четири гола.
 
„Тоа беше важен натпревар и голем настан во мојот живот. Сега постигнав пет голови и ова исто така е голема ноќ во мојот живот“.
 
Тренерот на Баерн, Пеп Гвардиола, во еден момент не можеше да поверува што се случува на теренот на „Алијанц“ арена.
 
„Не можам да го разберам ова, пет голови! Никогаш во мојот живот не сум видел вакво нешто, ниту како играч, ниту како тренер. Да постигнеш пет голови против Волфсбург не е воопшто лесно. Среќен сум поради Роберт, ова е важно за неговата самодоверба“, рекол Гвардиола