Македонија
1. February 2019 - 14:04

Што се случи таа вечер во Шутка? - Пратеникот Ибраимовски побара одговори од МВР за инцидентот

 Пратеникот од Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски денеска на прес-конференција изрази жалење за инцидентот што се случи деновиве во Шуто Оризари и побара од МВР да даде одговор што навистина се случило, а притворените Роми да бидат пуштени од притвор и да се бранат од слобода или да се стават во домашен притвор.

-Бараме од Внатрешната контрола на МВР да утврди што навистина се случило таа вечер во Општина Шуто Оризари и што луѓето, кои се познати како ненасилни и мирољубиви, ги натера на неконтролирано однесување, што на крај заврши за жал, и со примена на сила врз, во тој момент за нив, наводни грабнувачи на деца, рече Ибраимовски.

Со цел да не се случи ескалирање на ситуацијата, а по следење на заканите на ФБ, тој побара од МВР да распореди мобилна полициска станица во Шуто Оризари со 24-часовна активност, формирање на полициско одделение и создавање услови за отворање полициска станица во општината, која вели брои околу 30.000 жители.

Според него, ако во општината имало мобилна полициска станица до овој инцидент воопшто не би дошло. Кажа и дека дента пред да се случи настанот, група граѓани од Општина Шуто Оризари дошле кај него да се пожалат дека деновиве низ општината се движат сомнителни возила со затемнети стакла и без регистарски табличкки, што кај нив создава загриженост и стравување за нивните деца. Побарале од него да се заложи кај МВР да интервенира или да распореди мобилна полиција.

Тој порача дека овој случај не смее да ги наруши односите меѓу Ромите и Албанците кои живеат во општината и апелираше на воздржаност од двете страни. в