Македонија
31. July 2023 - 16:33

Што се крие зад чекорите на ДУИ - партијата денеска се откажа и од идејата Албанец за премиер

По вчерашните условени оставки на министрите и владините функцинери на ДУИ, денеска нова понуда на првиот вицепремиер Груби за да ја убеди опозициската ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени. ДУИ се откажува и од техничката влада пред избори, но и од местото премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот. Груби вели дека мотивот на Мицкоски да не ги поддржи уставните измени не се Бугарите, туку да нема Албанци во Владата.

- Значи, на опозицијата не ѝ пречи вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот, не ѝ пречи ништо друго, туку ѝ пречи Албанците да бидат во Владата и ѝ пречи еднаквоста меѓу Македонците и Албанците... Ако ние одиме во опозиција, при што опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) би ги гласала уставните измени, за што се потребни две третини во Собранието, ние сме кажале дека за иднината на нашата земја сме подготвени да се откажеме и од привремена влада и од премиер Албанец и од нашите мандати.

Од коалициската СДСМ пак, го поздравија чекорот на интегративците. Велат на ред е ВМРО-ДПМНЕ.

Со претходно донесените одлуки на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ. Ставајќи го државниот пред партискиот интерес СДСМ и ДУИ покажуваат одговорност кон врвната стратешка цел, а тоа е европската иднина на земјата и сите наши граѓани ... Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, понудата на Груби ја сметаат како политичко фолирање, а на маса можат да бидат само предвремени избори.

Ако сака Артан Груби веднаш нека си поднесе оставка, но проблем не е само ДУИ туку и СДС да поднесат оставки, ама неотповикливи, и да одиме на брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи се друго е одолговлекување и играње играчки. Добро е што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција од каде ќе може да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност. Во однос на  изјавата на Артан Груби мислам дека потешко им е на СДС отколку на ДУИ да ја прифатат идејата Артан Груби и де факто да не им биде премиер.

Иако не е против уставните измени, лидерот на опозциската Алтернатива Гаши не е оптимист дека уставните измени ќе се рализираат.

„Моите информации се дека уставните измени нема да поминат, бидејќи самиот начин на кој е донесен предлогот во Собрание зборува за тоа дека на владеачкото мнозинство не му е умот во тоа дали ќе поминат уставните измени, туку да ја стави опозицијата на искушение и тоа да има влијание врз наредниот изборен резултат.

Ако зборуваме хипотетички, макар да тоа е начин на кој може најдобро да се згреши, во случај да не поминат уставните измени, нема веќе никаква смисла да продолжи оваа кревко мнозинство, па затоа ќе мора да одиме на нови избори, за изнаоѓање на решение за евроинтеграцискиот процес.“, вели Гаши.

Во меѓувреме  во Владата денеска ги очекуваат оставките на интегративците. Веднаш штом ќе бидат целосно комплетирани ќе известат за наредните чекори. Според процедурата во Собранискиот деловник, тие се доставуваат до премиерот Ковачевски, кој пак, веднаш треба да го извести собрниаскиот спикер Џафери. Тој пак, ги известува пратенците и ги става оставките на констатирање на првата наредна седница.