Македонија
9. January 2023 - 21:16

Што може да се очекува од утрешната средба на албанските лидери во Тирана?

 Дали Рама е „спасот“ за Ахмети по притисокот од „огнените“? Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека утрешната средба на лидерите на партиите на етничките Албанци во Македонија во Тирана нема да донесе нова „тиранска платформа“, особено што Касами одби да седне на иста маса со Ахмети.

-Не е нелогичен тој заклучок дека Еди Рама му прави услуга на Ахмети собирајќи ги албанските партии во обид да ги спои во некаква коалиција околу ДУИ. На крајот на краиштата обидот да се смести Алијансата во владата беше токму тоа. И тој може да е информиран од сознанието на Ахмети  дека доколку албанските партии не се спојат во коалиција со ДУИ, најверојатно ќе се спојат против ДУИ. Така што мислам дека е некаков обид да се превенира такво сценарио, но не исклучувам и да се разговара за некакви принципиелни чекори. На пример, кои ќе бидат главните постулати на албанските партии во оваа година која се најавува како година на уставни измени. На пример како во претходната „тиранска платформа“ да речат нема да соработуваме со партија која ќе ги загрози евро-атлантските интеграции. Меѓутоа, таква надпартиска платформа ќе беше возможна да присуствуваа сите партии, вели Арсовски.

Сефер Силими, пак, е на ставот дека на оваа средба во Тирана и` се дава премногу значење. Според него, доколку Рама навистика сака да скрои нешто конспиративно зад сцената, тогаш поканата немаше да биде јавна и јавноста немаше да знае дека се случува таков состанок.

-Таа средба, според информациите кои се достапни засега е повеќе протоколарна кадешто се повикани на заеднички ручек. Крајно време е ние да се ослободиме од таквите стравови кои на некој начин водат кон креирање на никакви перцепции и очекувања дека конспиративно нешто ќе се скрои позади сцена, од еден таков состанок, вели Селими.

Тоа што БЕСА одби да учествува на состанокот во Тирана, Селими го карактеризира како личен каприц на Касами.

-Единствена цел е тој да се факторизира на некој начин и да се докаже дека е важен фактор во политичката сцена, вели Селими.

Албанија е пред локални избори, па очекувањата се дека албанскиот премиер ќе ја користи во предизборни цели претставувајќи се себе си како обединувачки фактор на Албанците во регионот.

Ова е втора средба на претседателите на македонските партии од албанскиот блок со Рама. Првата дојде две недели по изборите во 2016 во екот на формирањето на новото парламетарно мнозинство кое потоа го смени Уставот за промена на името а оваа во пресрет на промена на Уставот за внесување на Бугарите во него.