Македонија
7. August 2022 - 21:26

Што ќе учат основците во второ и петто одделение?

Од септември петтооделенците ќе учат историја и општество во еден предмет. Учениците од второ одделение, пак, ќе учат за родови, национални и етнички идентитети. Бирото за образование го скрои новиот концепт, а сега на потег е МОН кое треба да испечати учебници за новите предмети. Mинистерот Шаќири во телефонски разговор за Сител ги потврди ваквите информации. Вели продолжуваат новите правила на учење oд лани, кога беа воведени само во прво и во четврто одделение. 

Учениците по Историја и општество ќе учат за населението и континентите, како и за праисторијата и историјата. За тоа, на часовите ќе се користат дигитални уреди, учебник и енциклопедии, но и сложувалки со слики од поголемите главни градови.

Во новата наставна програма наведено е дека ученикот треба да знае да ги идентификува и почитува сите национални симболи на Македонија и да покаже чувство на припадност кон државата.

„Ученикот треба да ги идентификува географските карактеристики на континентите, регионите и државите во светот и да ги поврзува со нивниот општествен развој. Да ја објаснува важноста на демократските процеси во општеството и да ги применува принципите на демократско учество во рамките на училиштето. Да ги анализира и дискутира одговорностите на извршната, законодавната и судската власт во правната држава и улогата на државата во заштитата на човековите права“, пишува во наставниот план.

По предметот Општество за второ одделение, пак, ученикот ќе треба да знае да процени кога и на кој начин ќе треба да употреби компјутер.

„Ученикот треба да прави процена на сопствените способности и постигања (вклучувајќи ги силните и слабите страни) и врз основа на тоа да ги определува приоритетите кои ќе му/ѝ овозможат развој и напредување. Да ги препознава емоциите кај себе и кај другите, да ги согледа последиците од сопствените емоционални реакции во различни ситуации и да користи соодветни стратегии за справување со емоциите“, се наведува во програмата.

Училниците по музичко треба да бидат опремени со ритмички инструменти, клавир, пијано, телевизори, смарт табла и компјутери со интернет. Не е мала листата на потребни реквизити и во спортските сали. Таму, треба да има од атлетски душеци, јажиња и топки, до морнарски скали.

Товарот и одговорноста е кај наставниците. Тие, според наставната програма, ќе треба да им обезбедат инклузивност на сите ученици и да им ја пренесат материјата. Оценките до петто одделние остануваат описни.