Македонија
9. September 2020 - 16:47

Што ја кочи работата на парламентот?

Комисијата за избори и изменувања, кое е единственото собраниско тело кое е формирано, веројатно ќе заседава утре или задутре, откриваат собраниски извори. Комисиската расправа ќе се однесува на предлогот за формирање на останатите собраниски тела.

Сепак, не извесно е дали веќе е постигнат договор меѓу коалицијата на СДСМ и БЕСА заедно со ДУИ за тоа којсо кои комисии ќе раководи. Спорот меѓу владините партнери е за  Комисијата за европски прашања која ја бараат и ДУИ и БЕСА.

Од формирањето на работните тела зависи и целата работа на Собранието. Имено освен конститутивната седница, седниците за оставките на оние пратеници кои заминаа во извршната власт и изборот на влада парламентот досега нема сработено ништо. Иако се најавуваа како итни и први за работа ги нема измените на законите во образованието или пак, новите економски мерки. Материјалите не се ни стигнати во парламентот. Затоа пак, таму се стигнати одлуките за 5 одлуки за вонредна состојба што треба да бидат потврдени.

Од друга страна се уште стои отворено прашањето со колку пратеници располага власта во овој момент по вчерашните најави на премиерот Зоран заев дека за одредени одлуки власта може да смета на дури 65 пратеници.

„Имајќи ги предвид програмските определби на новата Влада и вредностите и принципите на Коалицијата предводена од СДСМ кои се во интерес на граѓаните и државата, за очекување е тие да бидат препознаени и од пратеници од другите пратенички групи, така што може во иднина парламентарното мнозинство дополнително да расте“, коментира пратеникот и портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов за тоа кои се новите пратеници во мнозинството.

Пратеникот тврди дека парламентарното мнозинство е стабилно иако власта од првичните 62 народни избраници во моментов е без двајца – наследник на Шахпаска која замина во министетрството за труд и социјална политика и Арбен Зибери кој е хоспитализиран поради Ковид 19.