Македонија
9. November 2020 - 16:58

Што договориле Димитров, Османи и Захариева во Берлин?

Австриски новинар го објави нон-пејперот од средбата во Берлин меѓу министрите Димитров, Османи и Захариева минатата недела.

Во документот се вели дека Бугарија ќе ја одобри преговарачката рамка за Македонија и ќе се согласи на одржување на првата меѓувладина конференција. Но, Македонија пред европските институции официјално ќе изјави дека краткото, „Северна Македонија“ се однесува исклучиво на политичкиот ентитет „Република Северна Македонија“. Односно, тоа би значело дека нема никакви територијални претензии кон Бугарија.

Источниот сосед, пак, го задржува правото во унилатерална изјава која ќе биде анекс во преговарачката рамка да објави дека македонскиот јазик го подрабира во согласност со македонскиот устав.

Македонија, според документот, е подготвена официјално да изјави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година.

Се бара од историската комисија да биде потранспарентна.

-Бугарија и Македонија ја потврдуваат подготвеноста да ја интензивираат својата блиска билатерална соработка на темелите на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, со посебен акцент на работка на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, што треба да се интензивира и да станат потранспарентни, вклучително и со објавување на постигнатите резултати. Германија изразува подготвеност да ја поддржи работата на Комисијата со споделување на најдобрите практики за методите на работа, се вели во нон-пејперот.

Во останатите точки објавени во нонпејперот Македонија и Бугарија согласно Договорот за добрососедство повторно се обврзуваат да преземат мерки за спречување на ненамерна пропаганда од институциите и агенциите.

Клучна е поврзаноста и инфраструктурата. Железничката и патната врска од Драч до преку Скопје до Софија и Варна, односно Коридорот 8 ќе добие поддршка во рамките на економскиот и инвестицискиот плат на Европската комисија за Западен Балкан.

-Бугарија и Македонија се согласуваат околу важноста за поттикнување на добрососедските односи на сите нивоа, вклучително и преку размена на млади, и размислуваат да започнат заеднички проект за размена на младите, додека заеднички ќе ги испитаат понатамошните можни области за соработка за поттикнување на меѓусебното разбирање и интензивирање на билатералните контакти, вклучително и проекти за размена на медиуми и збратимување на градови, се вели во нон-пејперот.

Во нон-пејперот е објавено и дека трите држави се загрижени поради состојбата предизвикана од пандемијата и нагласуваат дека е потребна тесна соработка меѓу соседите во рамки на Унијата, но и земји-членки со земјите од Западен Балкан.