Македонија
5. March 2018 - 8:59

Што договорија лидерите Заев и Мицковски и кои прашања останаа отворени?

Новиот состав на Државната изборна комисија ќе го води кадар на ВМРО-ДПМНЕ. По повеќе од два часа, првите луѓе во власта и опозицијата договорија пржинскиот модел да замине во историјата.

И Заев потврди дека паднал договор за ДИК. Премиерот рече дека до септември ќе биде готов и новиот изборен законик според кој државната изборна комисија ќе ја водат професионалци а 6 месеци пред избори ќе се вклучуваат и партиски кадри.

И двајцата лидери потврдија дека има напредок во комуникацијата меѓу двете партии кој до крајот на идната недела треба да резултира со конечен договор за реформскиот пакет закони за што според Заев и Мицкоски постои квалитетен амбиент и добри услови.

За Законот за јазиците и натаму нема договор. Премиерот без прецизен одговор каква ќе биде судбината на повеќе од 35.000 амандмани кои ги поднесе опозицијата и дали тие воопшто ќе се најдат пред пратениците.

Нема договор и за враќање на опозицијата во Собранието. Мицкоски вели дека чувствува решение на проблемот, а Заев дека нема намера да се меша во работата на судот.

Двајцата лидери разговарале и за преговорите во спорот за името. И Заев и Мицкоски рекоа дека на тоа поле нема ништо ново во последниOT месец, а премиерот рече дека во втората половина од март очекува придвижување на процесот со посетата на Коѕијас на Македонија и уште еднаш потенцираше дека останува оптимист дека може да се најде решение.

Ова е втора тет а тет средба на Заев и Мицковски кои прв пат во владиниот кабинет се сретнаа веднаш по изборот на новото раководство во опозициската ВМРО-ДПМНЕ.