Македонија
14. October 2021 - 16:31

Што би потпишале Скопје и Софија до крајот на октомври?

Бугарските барања се пристигнати во Скопје и се анализираат во македонското МНР. Станува збор за петте плус една точки од Патоказот, документ по кој ако се постигне договор, треба да биде основа за решение со официјална Софија.

“Точно е дека на последната средба на двете министерства во Скопје добивме писмени предлози по однос на содржината на Патоказот, односно на петте точки – краткото име на државата, говор на омраза, рехабилитација на жртвите од комунизмот, работата на историската комисија и плус едно, внесување на бугарската заедница во Уставот”

Османи посочи дека ќе достават писмен одговор на бугарските барања, по што се надеваат дека ќе биде усогласен Патоказот. Тој ќе биде јавно објавен и ништо нема да биде потпишано без знаење на граѓаните, уверува Османи.

Историјата и натаму најголема пречка за договор.

“Треба заедно со бугарското МНР да седнеме и да разговараме што понатаму со историската комисија. Очигледано е дека таму имаме проблем од двете страни и јас планирам да го отворам ова прашање на првата седница со Стоев. Бидејќи ако тие не можат да се договорат за физичка средба, како да очекуваме дека ќе дадат резултати”

Османи вчера се сретнал со членовите на македонскиот дел од Комисијата. Вели дека нема замерка за содржината на разговорите, туку само за динамиката на средбите, потенцирајќи дека ќе инсистира на физички, а не на онлајн средби со бугарските колеги, со цел поголема продуктивност.