Македонија
2. October 2019 - 16:50

Штитениците на мајчиниот дом од Битола заминуваат во мали групни домови

Од денес нема повеќе деца од 0 до 3 години во институции, истакна денеска при отворањето на еден од петте мали групни домови во Битола, министерката за труд и социјала, Мила Царовска. Според неа тоа е голем исчекор за почитувањето на детските и човековите права. Во нив има простор и за интервентно сместување.

- Мајчиниот дом во Битола кој згрижуваше деца од од 0 - 3 години, денеска се трансформира и сите дечиња се преселени во мали групни домови, во кои што сите вработени беа прераспределени и ниеден од вработените не останаа без работа. Обезбедивме услови соодветни, на топлина, семејна грижа во која децата можат да се развиваат и да го постигнат својот максимален потенција, а притоа ги задржавме стандардите на институцијата, рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

УНИЦЕФ и британската амбасада со поддршка на овој проект.  

- Децата кои ги глeдаме се сместени во прекрасен простор исполен со љубов и топлина, за разлика од претходното сместување во големи и ладни институции, искатна Рејчел Галуеј, амбасадор на Велика Британија.

- Овие домови им овозможуваат да развијат однос како со родител, со возрасен, се овозможува детето да расте во семејно базирана средина каде може да  гради спомени, да доживува радост и задоволство и најважно љубов, истакна Бенџамин Перкс, УНИЦЕФ.

27 деца до тригодишна возраст ќе бидат сместени во малите групни домови.

- За нив 24 часовна грижа и поддршка ќе обезбедуваат 30 негуватели и 4 стручни работници. Овој облик на грижа не значи само поквалитетни просторни и физички услови во кои живеат децата. Уште посуштински, работата во групниот дом ќе им овозможи на колегите индивидуален пристап кон секое дете, согласно со неговите желби и потреби, изјави Елена Николовска, директор на Мајчин дом Битола.

- Министерството ни отстапува дел од Домот за да може да биде искористен за детска градинка. Капацитетите за градинки ни се и тоа како потребни во овој период”, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Со последните 5 мали групни домови во Битола, во цела држава се отворени вкупно 17.