Македонија
9. October 2019 - 12:53

Штитеници од заводот во Бања Банско ја напуштаат институцијата и почнуваат самостоен живот

 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска  врачи клучеви на седум штитеници од Заводот за заштита и рехабилитација „Банско“ од четирите станови каде ќе продолжат да живеат овие деинституционализирани лица самостојно и со поддршка од лична асистенција.

Царовска истакна дека процесот на деинституционализација тече непречено и се одвива со забрзана динамика.

-Сето тоа кажува дека можеме да понудиме различни форми на трансформација на институциите-малите единици се тие кои немаат свој стан и куќи, а тие кои што имаат каде да се вратат можеме да обезбедиме поддршка и да се реконструираат одредени нивни куќи или дел од куќи каде понатаму ќе можат да живеат.Овој процес е долгорочен и трае. Но, важно е дека со голема мотивација и ентузијазам го водиме целиот процес и да видете дека не застануваме, рече Царовска.

Ги наброја инстуциите каде досега е извршено деинституционализација и истакна дека до крајот на 2021 година во државава повеќе ќе нема такви институции.

Еден од најпознатите штитеници на Заводот во Банско, ликовната уметница и поетеса, Роза Мојсовска, потенцираше дека од 1976 година е во Банско, од нејзина деветгодишна возраст.

-Сега имам нов живот и треба да се борам за тој живот, зашто сакам да им покажам на луѓето дека и ние имаме потреби, дека и ние можеме да живееме како секој нормален човек. Изразувам голема благодарност до УНДП, до Министерството за труд и социјална политика и на сите пријатели кои ми даваат голема поддршка за да можам да живеам во станбената единица овде во Струмица, рече Роза Мојсовска.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски го поздрави процесот на деинституционализација на институциите каде беа згрижени овие лица.

-Мислам дека овој концепт на извлекување на овие луѓе надвор во нормалната средина дава една голема можност за нивно искажување како личности, можност да се покаже нивната индивидуалност, креативност, можност да делуваат на општеството, а секако и општеството кон нив и сето тоа заеднички не збогатува, порача градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Постојаната координаторка на ООН во Северна Македонија, Росана Дуџак смета дека се работи за одличен проект, во кој Владата, општината и заедницата заедно со подршка од ОН покажуваат како може да се вклучат овие луѓе во општеството.