Македонија
19. May 2019 - 12:01

Штипските пожарникари со показна вежба ќе го одбележат Денот на пожарникарите

Со показна вежба штипските пожарникари ќе го одбележат Денот на пожарникарите. Командирот на Територијалната противпожарна единица-Штип, Тони Атанасов апелира граѓаните на Штип утре да не се вознeмират од сирените на противпожарните возила.

- Сакам да ја информирам јавноста дека утре од 9.45 часот нашите возила со вклучени сирени ќе заминат од Противпожарниот дом кон Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ , каде што пред учениците ќе имаме показна вежба. Годинава одлучивме вакви вежби да имаме во сите училишта во општината, вели Атанасов.

Во штипскиот Противпожарен дом вработени се 35 пожарникари, од кои 15 пожарникари платите ги добиваат од државата, а  24 се на платен список на општината. Според стандардите секоја општина треба да има по еден пожарникар на 1.500 жители. Во единесетте општини во источниот регион има 120 пожарникари. Од нив 75 се финансираат преку дотации од Министерството за внатрешни работи,  а останатите 45 се на платен список на општините. 

Проблемот со застарената заштитна опрема и возила не е нов, но затоа општините постојано бараат донации или издвојуваат средства за обезбедување опрема.