Македонија
10. February 2019 - 12:56

Штипските градинки се реконструираат со пари од локалната власт

Во двете штипски градинки „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“ се реализира реконструкција со пари од општинскиот буџет. Директорката на градинката „Астибо“, Билјана Трајчевска вели дека по подолго време градинката доби средствата од општината, а со парите во тек е реконструкцијата на кујната во главниот објект, каде што активностите се во завршна фаза.

– Со парите, коишто ги добивме од општината направивме и замена на вратите на занималните во централниот објект, ја реновиравме пристапната патека во клонот „Астибо“, а набавивме и нова опрема, којашто ќе биде инсталирана по реновирањето на кујната. Значи комплетно нова опрема за кујната и нова опрема за во пералната, вели Трајчевска.

Следен проект за реализација е реконструкција на клонот „Цветови“ во населбата „8 Ноември“.

Директорката на градинката „Вера Циривири-Трена“, Софка Атанасова вели дека со 1.300.000 денари реновиран е клонот „Развигорче“ во населбата „Автокоманда“.

-Таму ги реконструиравме купатилата, со плочки, водоводна линија, потоа ги обновивме вратите на занималните, а исто така и играчките, вели Анатсова.

Таа исткна дека и оваа година очекуваат средства од локалната власт за реконструкција на кровот на клонот „Развигорче“ и поставување на ограда на објектот, со што ќе се зголеми безбедноста на децата.