Македонија
4. јуни 2020 - 11:05

Штипските епидемиолози продолжуваат со тестирањето на работниците и наредната недела

Штипските епидемиолози со масовното тестирање на текстилните работници ќе продолжат и наредната недела, откако вчера се појави и уште еден позитивен случај на коронавирусот во нова конфекција со 250 вработени.

Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова за МИА вели дека со новозатворената конфекција во скрингот се опфатени околу 800 работници. Тестирањето се одвива без никакви проблеми, а резултатите пристигнуваат брзо од лабораториите, па епидемиолозите имаат јасна слика и за контактите опфаќајќи семејства, пријатели на заразените. Со денешните брисови епидемиолозите за четири дена ќе имаат направено над 1.000 тестирања.

– Нашите мобилни тимови, но и тимот на пунктот во Здравствениот дом дневно земаат околу 200 брисови во Штип. Дополнително нашите тимови изминатите денови го извршија тестирањето и на вработените во детските градинки во Пробиштип и Радовиш. За вработените во Пробиштип се пристигнати резултатите и таму имаме двајца вработени кои се позитивни на тестовите, а за вработените во градинките во Радовиш ги очекуваме наскоро, вели Димитрова.

Таа истакна дека очекуваат наредната недела да стартува и тестирањето на вработените во штипските детски градинки.