Македонија
7. May 2019 - 14:54

Штипскиот Универзитет го одбележува Денот на Европа

Правниот факултет и Академијата за ликовни уметности при Универзитетот „Гоце Делчев“ –Штип денеска го одбележаа Денот на Европа.

На работилницата насловена „Европската Унија низ призмата на правото и политиките“, универзитетскиот професор на Правниот факултет, Дејан Маролов пред студентите истакна дека нашата држава со тоа што учествуваше во Втората Светска војна има право да го слави овој ден и дека сме дел сме од Европа иако се уште не сме влезени во ЕУ.

– Нашите евроатлански амбиции постојат уште од создавањето на независна Република Македонија. Поминавме многу тежок пат, сепак се уште не сме ја реализирале целта што беше зацртана, односно зачленување на нашата Република во евроатланските институции. Земја кандидат сме и ги имаме препораките на Европската комисија, започнување на преговори, вели Маролов.

Тој истакна дека кога земјата ќе го добие датумот за преговори со ЕУ мора да ги исполни критериумите од Копенхаген. Оптимист е дека наскоро ќе се добие датумот, но како што вели Маролов, тоа не значи дека веднаш ќе значи и директен влез во ЕУ. Смета дека мора да се случат реформите во судството, владеење на правото и да се работи на сузбивање на корупцијата.

Студентите од Ликовната академија денеска имаа изложба на плакати со наслов „Насилството врз жените“, со што и тие се приклучија на одбележувањето на Денот на Европа.