Македонија
23. January 2017 - 13:31

Штипскиот државен студентски и ученички дом прослави 50 години постоење

Државниот студентски и ученички дом „Браќа Миладиновци“-Штип денеска прослави 50 години од постоењето како ученички и десет години како државен студентски дом.

Директорката на  ДСУД „Браќа Миладиновци“-Штип Тања Павлова-Тасевска, вели дека со помош на Владата и Министерството за образование во зиманинатите 10 години реализирани се низа на проекти, со цел учениците и студентите кои се сместени во домот да имаат нормални услови за сместување и исхрана.

- Имаме направено едно 20 проекти, меѓу кои реновирање на домот, реконструкција на кујната, каде што имаме комплетно нов одвод со нови елементи. Имаме направено премин од едната во другата зграда. Комплетно ни се реновирани тоалетите, реновирање на старата бања и нејзина пренамена во гостински соби, каде што престојуваат професори и студенти, потоа имаме комплетно средување на подот, заменети се и прозорците каде што престојуваат студентите и поставивме и сончеви колектори, вели Павлова-Тасевска.

Во ДСУД „Браќа Миладиновци“-Штип сместени се 240 средношколци и студенти од кои 50 се студенти, а 187 се средношколци од општините од источниот регион, кои се зпаишани во регионалните средни училишта во Штип. Директорката Павлова-Тасевска вели дека имаат изработено проект за проширување на домот со дополнителни 100 легла, што е доставен до министерството за образаование и од таму очекуваат негово одобрување. Смета дека овој дом треба да се прошири, бидејќи интересот за сместување во него е голем како од страна на учениците, така и од страна на студенти и професорите кои доаѓаат да студираат или предаваат на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.