Македонија
22. September 2016 - 14:53

Штипски „Исар“ инвестира за подобро водоснабдување на градот

Штипското комунално претпријатие „Исар“ инвестираше еден и пол милион денари за подобро снабдување со електрична енергија на бунарите од кои со пумпи се црпи водата за пиење за градот Штип. Директорот на ЈП „Исар“, Ангел Бојаџиев вели дека поставен е нов кабел за електричната енергија во должина од над еден километар, со што бунарите ќе имаат постојано електрична енергија и нема да доаѓа до прекини на водоснабдувањето кога има невреме и силни елетрични празнења.

- При секое невреме имавме прекини на електричната енергија, а со самото тоа имавме проблеми со пумпите и тешко се нормализираше состојбата. Ние како ЈП „Исар“ инсталиравме еден километар кабел од препумпната станица до филтер станицата со цел да бидат поврзани со електрична енергија, за да може благовремено да се приклучи и да биде снабдена филтер станицата со електрична енергија, кога ќе ги има тие прекини, вели Бојаџиев.

Тој додаде дека оваа инвестиција е и дел од реализацијата на проектот за поставување на сончеви панели на локацијата кај што се бунарите, а кои ќе произведуваат електрична енергија, токму за пумпите кои ја црпат водата од бунарите. Со оваа инвестиција ЈП „Исар“ ќе заштеди на електричната енергија за обезбедување на водата од бунарите од неколкуте локалитети кои се наоѓаат во близина на реката Брегалница.