Македонија
24. August 2017 - 15:19

„Штипската Пастрамајлијада“ ќе се одржи од 15 до 17 септември

Манифестацијата „Штипска Пастрамајлијада“ годинава ќе се одржи од 15 до 17 септември на потегот од Градскиот стадион до кружениот тек „Дујле“ во Штип.

Организаторите денеска на прес-конференција најавија настап на познати македонски и странски интерпретатори, а очекуваат и околу 180 илјади гости. 

- Во текот на трите вечери гостите на „Штипската Пастрамајлијада“ ќе ги забавуваат познати македонски и странски интерпретатори. Ќе настапат Сузана Спасовска, Јелена Розга, Галија, Дивље Јагоде, Лепа Брена, Тања Савиќ, Есма бенд и бугарскиот бенд Кикимора, информира портпаролот на општина Штип, Драган Ристов.

Советникот за културни дејности во општината Кирил Панајотов истакна дека очекуваат посетеност од околу 180.000 гости од земјата и странство.

- Проценка е дека ќе има по 50-60.000 луѓе на вечер со оглед на тоа дека веќе имаме најави од соседните држави, рече Панајотов.

Штипската пастрамајлија ќе се продава на 30-тина штандови, а ќе чини 120 денари. Таа се приготвува по унифициран рецепт, односно 200 грама тесто и 150 грама месо.  

- Секоја година се става посебен акцент на пропозициите, односно на грамажата и квалитетот. Цените се унифицирани и за пијалокот и за пастрмајлиите, рече угостителот Емил Попадинов.

Општина Штип во координација со полицијата ќе организира промена на сообраќајот и доволен број паркинг места.