Македонија
8. October 2020 - 16:44

Штипската болница со намален персонал, позитивен случај и во штипскиот затвор

Три медицински сестри од одделенијата за анестезиологија, хирургија и хирушки сали од штипската Клиничка болница од денеска се во изолација. Ова е резултатот од направената епидемиолошката анкета на лекарот и болничарката, позитивни на корона вирусот, кои работеле на Инфективното одделение.

Трите медицински сестри имале контакти со заразениот лекар од Неврохирургија, кој бил анагажиран во системот на ротации за работа на Инфективното одделение. Од вчера во изолација е и неговиот колега од одделението.

На инфективното одделение се хоспитализрани 50 пациенти од источниот регион. Во моментов на одделението работат само двајца инфектолози, а третиот е на боледување. Затоа се ангажираат лекари специјалисти од другите одделенија во болницата.  Вчера беше регистриран и првиот случај на позитивен на Ковид 19 во штипскиот затвор, поради што во изолација се ставени девет осудени лица. На лекарот, кој бил во контакт со осуденикот му е наложено тестирање и доколку е позитивен, ќе треба да се ангажира друг лекар, кој ќе се грижи за здравјето на осудениците.