Македонија
4. January 2020 - 16:47

Штипска клиничка болница ќе чини дополнителни седум милиони евра

Дополнителни 7 милиони евра ќе треба да се издвојат од државниот буџет за  изградба на новата клиничка болница во Штип. Толку ќе чини машинското и електронското уредување на внaтрешноста на зградата, кое го бара изведувачот, грчки „Интракат“, поради надминување на претходно проектираните технологии. Бидејќи, ова нивно барање треба да биде усвоено на владина седница, градежните активности се стопирани веќе 5 месеци.

-Тоа е информација до Владата, која Владата треба да ја усвои и да ги информираме Грците дека е прифатен новиот проект со ревизијата, за да тие, согласно со тоа го дадат новиот динамичен план за изведба на болницата- изјави Владо Милошев, државен секретар за здравство 

Со дополнителните буџетски средства наместо претходно проектираните 30 милиони, сега цената се зголемува на 37 милиони евра. Првата фаза беше планирано да заврши кон средината на годината, но сега рокот за изградба се пролонгира.

-Нашата интенција е некаде на почетокот на 2021 година да заврши првата фаза- додаде Милошев

Клиничката болница беше промовирана како најголема инфраструктурна инвестиција на Министерството за здравство на истокот и југо-истокот од земјата, објект со површина од 34 000 м2.