Македонија
16. January 2021 - 16:32

Штипјани ќе пијат поскапа вода

Штипјани во 2021 година ќе пијат поскапа вода за 5,4 %. Одлуката од локалната самоуправа ја правдаат со предлог цените дадени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесени врз основа на три годишниот бизнис план кое до нив го поднесува ЈП „Исар“.

- Доколку ЈП заедно со Советот, донесеме одлука да не ги почитуваме (решенијата) ќе следуваат казнени мерки кон јавното претпријатие, што повторно паѓа на товар на граѓаните, изјави Сашко Николов - граоначалник на Штип.

Од Регулаторна појаснуваат дека тие не донесуваат одлука, туку предлагаат минимална и максимална тарифа. Минималната обезбедува основно функционирање на јавното комунално претпријатие без ниедна инвестиција, додека во формирањето на максималната тарифа се вкалкулирани неопходните инвестиции за следната година. Првиот човек на претпријатието истакна дека, поради корона кризата имале намалени приходи од не работењето на бања „Кежовица“ и градскиот пазар.

- Тие ставки што ни носеа приход од 5 милиони денари, сега, во овие 9 месеци имаме приход од 3 милиони или разлика од 2 милиони денари. Ние имаме трошок од 4,5 милиони денари месечно за електрична енергија, а на пример во Велес, ЈКП „Дервен“ има 4 милиони денари годишно, а цената е повисока или иста со нашата цена, изјави Живко Тасев - директор на ЈП „Исар“-Штип.

Со минималната тарифа ЈП Исар ќе ја задржи истата цена како и во 2020 година, а и максималната предложена тарифа е пониска од онаа која ја побарале од претпријатието. Дополнително од штипски „Исар“ барале зголемување на цените на отпадните води, но Регулаторна комисија предложила да ги намалат.