Македонија
9. August 2022 - 12:21

Штипјани ќе добиваат повиски сметки за ѓубрарина

Новата цена за собирање, транспорт и депонирање на отпадот причина за жолчна расправа помеѓу советниците од власта и опозицијата во штипскиот Совет. Домаќинствата кои досега плаќаа по 1, 2 денари, сега ќе плаќат по 2,4 денари за метар квадратен. Новите сметки зависат од квадратурата на стамбената и деловна површина на домаќинствата и фирмите.

- Во услови кога граѓаните се револтирани од работењето на ЈП „Исар“, во делот на водоснабдување, на собирање на смет, вие се дрзнувате да побарате покачување за 110 %. Ова е реалноста што треба да ја знаат граѓаните-изјави Маријана Рогожарска - координатор на СГ - СДСМ 

Првиот човек на јавното претпријатие одлуката ја правдаше со фактот што граѓаните на Штип досега плаќале најниска цена за ѓубрарина. Изминатите две години секторот Комунална хигиена остварил загуба од 25 милиони денари, па затоа корекцијата на цената е морална.

- Цената не се става опроизволно, туку е производ на методологијата согласно трошоците коишто ги има јавното претпријатие-изјави Трајче Здравков, директор на ЈП  „ИСАР“-ШТИП

Здравков појасни дека доколку едно просечно семејство досега плаќало по 1000 денари за вода, канализација, собирање на смет и останатите комунални услуги, со новата цена ќе добива сметки од по 1080 денари.