Македонија
29. March 2023 - 16:34

Штипјани испаничија поради погрешно измерен земјотрес на нивните телефони

Страв и паника помеѓу Штипјани, откако синоќа 2.40 минути по полноќ се почувствува земјотрес со магнитуда 3 по Рихтер и интензитет 4 степени според европската макросеизмичка скала, со епицентар на 5 км североисточно од Штип.

Деканот на Природно-техничкиот факултет Ѓорѓи Димов вели дека, место за паника нема, зашто градот е лоциран во релативно слабо трусно подрачје, а зградите ги задоволуваат сеизмичките стандарди. Стравот кај граѓаните во голема мера го предизвикаа паметните мобилни телефони, кои веднаш по земјотресот алармираа за потрес од 4,6 степени по Рихтер.

- Во принцип мобилните уреди не се фундирани на начинот на кој се фундираат сеизмолошките инструменти. Мобилните даваат поголеми вибрации, даваат поголеми интензитети и тоа предизвикува паника и половина од тие луѓе нормално е да излезат надвор. Меѓутоа официјалните податоци не го кажуваат тоа, изјави проф д-р Ѓорѓи Димов, декан на природно-технички факултет-УГД-Штип.

По главниот следуваа уште неколку афтершокови со послаб интензитет. Тоа ги натера станарите, посебно од повисоките згради утрото да го дочекаат во своите автомобили.