Македонија
23. April 2021 - 12:28

Штип се подготвува за масовна вакцинација

Масовна вакцинација на жителите од источниот и струмичкиот регион ќе се спроведе во спортската сала „Јордан Мијалков“ во штипската населба Сењак. Ќе бидат поставени 25 вакцинални пунктови, а во организацијата се вклучени Здравствениот дом во Штип, Клиничката болница и волонтери на Црвен Крст. Имунизацијата ќе се одвива во две смени, од 8 часот наутро до 20 часот навечер, од понеделник до сабота.

- Според пресметките кои ги правевме, ќе бидат ангажирани 25 медицински сестри, 5 доктори, 8 администратори, 8 волонтери од црвениот крст, во една смена, што значи во две смени ова ќе биде мултиплицирано, помножено со 2. Капацитетот на ден ќе биде помеѓу 1500 и 1800 вакцинирани граѓани-изјави Д-Р Сашко Николов, градоначалник на Штип.

Во процесот на масовна имунизација ќе бидат вклучени и здравствени работници од јавните здравствени установи во регионот.

- Тоа ќе биде еден микс од медицински персонал и од останатите градови, кои ќе доаѓаат и ќе ротираат во следниот период, се со цел, да вакцинираме што е можно повеќе граѓани-додаде Николов
Вработени во штипските јавни претпријатија ќе бидат задолжени за обезбедување на паркинг места, а ќе бидат поставени и патокази низ штипските улици за информација на граѓаните во која насока да се движат за да пристигнат до спортската сала.