Македонија
14. January 2021 - 12:36

Штип набави 6 нови возила за собирање смет

После 17 години ЈП „Исар“ од Штип го обнови возниот парк со камиони за собирање на отпад. Станува збор за 6 возила со различен волумен, а средствата во висина од 530 000 евра се обезбедени преку ИПА 2 програмата. 

2 возила со 4 м3, едно возило со 10 м3, едно со 16 м3 и едно со 22 м3. Дополнително има и возило со платформа и  кран за подигање на контејнери за смет- изјави Сашко Николов, градоначалник на Штип.

Новите возила значително ќе придонесат во заштеда на резервни делови, гориво и масло, а ќе се анулира и бучавата и аерозагадувањето од старите камиони. Заштедените средства ќе бидат инвестирани за набавка на специјално возило за одзатнување на канализација, цистерна и лесни товарни возила.

Од една страна ќе се намалат трошоците, а од друга ќе бидеме поефикасни во извршувањето на секојдневните задачи како во однос на комуналната хигиена, така и во однос на другите сектори- изјави Жико Тасев, директор на ЈП „Исар“- Штип.

За чиста и здрава животна средина, од најголемо значење е примарната селекција на отпадот. 

Обезбедивме 30 контејнери за селекција на стаклен отпад и 30 контејнери распределени на различни локации во општината за собирање на пластичен отпад-додаде Николов

Во моментот се работи на затворање на локалната депонија „Трештена скала“, а сметот ќе се депонира на новата регионална депонија кај светиниколското село Мечкуевци во Овче Поле.