Македонија
28. January 2022 - 12:26

Штип бара локации за изградба на куќи за социјално загрозени семејства

Општина Штип ќе гради 47 типски куќи наменети за семејства од социјален ризик. Ваква иницијатива имаа и претходните локални власти, а се лицитараше и со бројка за вдомување на околу 100 семејства. Претходно избраната локација во близина на манастирот Св. Недела или попознат како Мирјанина црква, се покажа како неподобна, па општинското раководство се одлучи да гради во месноста „Черења“, каде доминантно живее ромско население.

-Гледавме да бидат на локација за да се вклопат со населнието кое што таму живее. Потоа ќе се спроведе следната фаза од проектот, односно ќе се избере соодветен оператор кој ќе ги постави типските куќи и луѓето кои се бездомници или немаат покрив над главата или живеат во субстандардни услови ќе добијат право да се вдомат во овие типски куќи-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Голем дел од нив во моментот живеат во објектите на старото нервно одделение. Во проектот „Заедно за подобрување на условите за живот на ромската заедница“, покрај општина Штип, вклучена и е општина Берово. Средствата за реалаизација се обезбедени преку ИПА фондовите на ЕУ, во вкупна вредност од 900.000 евра. Штип добива 650.000 евра, но и обврска да кофинансира 70.000 евра од сопствената каса, а остатокот од 250 000 евра се неменети за изградба на типски куќи во Берово.