Бизнис
14. July 2019 - 8:48

Штериев: Crowdfunding предизвик за младите претприемачи и храбрите инвеститори

Нов пазарен концепт на финансирање на помалите компании што се соочуваат со хроничен недостаток и потежок пристап до финансии е crowdfunding што го нуди Берзата, а кој според главниот извршен директор Иван Штериев се отвора нова страница во финансиските навики. При тоа, вели во интервјуто за МИА, паралелно создаваме инкубатор од кој на среден рок можат да се појават нови котирани компании на Берзата што ни е најголем развоен предизвик.

Поминаа шест месеци од годинава во кои се случија низа политички настани како спроведување на Преспанскиот договор, претседателски избори, покана за членство во НАТО, либерализација на девизниот режим, што е добар повод  за интервју со gлавниот извршен директор на Македонската берза АД Скопје. Економистите велат дека Берзата е крвотокот на економијата и дека Берзата не е институционален остров и дека сето тоа што се случува во повеќе сфери во општествениот живот се пресликува на берзите. Господине Штериев, како овие значајни поместувања се одразија врз пазарот на хартии од вредност кај нас?

На Берзата оваа 2019 година дојде после доста успешната 2018-та што по повеќе параметри беше најдобра берзанска година во последната деценија.  Како што и сите учесници констатираа  пред неколку месеци на нашата годишна конференција, пазарот во целина оваа година е во ситуација кога не се знае дали може добриот резултат брзо да се подобри или пак некои лимити се веќе достигнати. Анализата на берзанската статистика за првото шестмесечје од 2019 година ја покажува оваа дуалност. Вкупниот промет на Берзата по сите основи во овој период изнесува 60,5 милиони евра наспроти ланските 111 милиона. Основната разлика во прометот наспроти 2018 година се повеќекратно намалените блок трансакции што е очекувано со оглед на екстра големите блок трансакции кај одредени банки лани. Од друга страна, доколку претпоставиме дека класичното тргување со акции во БЕСТ системот, што е најреалниот индикатор на берзанската динамика, од првото шестмесечје (во кое изнесува неполни 28 милиони евра) ќе се повтори во второто полугодие за очекување е дека 2019 година според овој параметар може да биде втора најдобра година во последната декада, веднаш по 2018 година. Анализата на ценовната перформанса на индексот МБИ 10 засега ги потврдува добрите трендови. Индексот што го мери општото ниво на цените на најликвидните акции на Берзата во периодот јануари-јуни порасна за нешто над 10 отсто, после три претходни последователни годишни порасти изразени во двоцифрени проценти (2016 година за 16,45 отсто, 2017 – 18,92 отсто и 2018 – 36,64 отсто).  Не треба да заборавиме колку долго време цените на акциите на нашата берза беа хибернирани и колку тоа влијаеше дестимулативно на пазарните учесници.

Од сето ова може да се заклучи дека инвеститорите уште минатата година ги антиципираа споменатите позитивни неекономски случувања и ги вградија во берзанската динамика. Тој моќен моментум уште се чувствува на пазарот, особено во ценовните движења и пазарните валуации на кои истите се темелат, при што има помал интензитет од претходната година, но е каде-каде посилен во споредба со долгиот пост кризен период претходно.

Неколку работи ќе ја профилираат втората половина на берзанската 2019 година, меѓу кои како побитни би ги издвоиле: резултатите на котираните компании, кои со нетрпение ги очекуваме нивните полугодишни профити што треба да се објават до крајот на август, бројноста и интензитетот на тргување на домашните физички лица на кои првенствено се темели побарувачката на пазарот  и ќе видиме каков ќе биде ефектот на девизната либерализација и можноста да се инвестира надвор, одлуките на инвеститорите во пресрет на најавеното оданочување на капиталните добивки во 2020 година. Доколку се опстои на ова решение за очекување е дека доста инвеститори ќе ги материјализираат нивните пресметковни добивки преку продажби на пазарот како што ќе се наближува крајот на годината и присуството на странските инвеститори и дали тие ќе го препознаат подобреното окружување и ќе почнат да вложуваат во македонски акции.

Дали Македонската берза понуди нешто ново годинава?

Оваа година работиме интензивно на подготовка и реализација на многу новитети и можам да кажам дека ова прво полугодие навистина беше одбележано токму од овој аспект.

Годинава ја почнавме со берзанска котација на континуираните државни обврзници. Со тоа се создадоа услови овие хартии од вредност да се тргуваат на организиран пазар, а со тоа во нив да можат да вложуваат, и примарно и секундарно, повеќе видови домашни и странски инвеститори. Моментално доминантни сопственици на овие финансиски инструменти се високоликвидните финансиски институции кои немаат голем интерес за продавање, но ние како пазарна инфраструктура ја остваривме целта – овозможивме котација и тргување со сите државни обврзници на Берзата.

Следуваше котацијата на перпетуалната обврзница на Унибанка – доста сложена операција поради спецификите на овој нестандарден, хибриден инструмент, каков што досега немало на овој пазар. И овие обврзници сега се расположливи на секундарниот пазар. Плус, се испрати конкретен сигнал дека со одредена доза на креативност може да се дизајнираат финансиски инструменти што на банките и компаниите можат да им бидат корисни.

Свесни за одредени недостатоци на пазарот, какви што се отсуството на иницијални јавни понуди, недоволното присуство на странските инвеститори и слично, преземавме дополнителни активности за подобрување на состојбите. Во таа насока, инициравме проект заедно со Министерството за економија чијашто цел е да се обезбеди финансиска поддршка на домашните компании што ќе се охрабрат да направат иницијална јавна понуда.  Со овој проект се планира да се обезбедат парични средства од странски фондови со кои на компаниите ќе им бидат надоместени трошоците поврзани со овој процес. Ова е директен финансиски поттик за спроведување на иницијални јавни понуди од страна на македонските компании. Со цел да се зголеми видливоста на македонските котирани компании за странските инвеститори, успеавме да влеземе во еден нов проект на ЕБРД за т.н. research coverage на главните котирани компании, со што значајно ќе се подобри процесот на формирање на берзанските цени во иднина. Јасно е дека ова се состојби кои тешко се надминуваат и се под влијание на бројни фактори, но очекуваме ефектите од овие два проекта да се почувствуваат по извесно време и да бидат долгорочни. Нашата цел и овде е остварена. Осмисливме, успешно лобиравме, подготвивме документација, дадовме поддршка каде што требаше итн.

Особено би сакал да истакнам нешто кон што примарно се фокусиравме годинава, а тоа е проектот со crowdfunding платформата Funderbeam и проширување на соработката со Загрепската берза во овој домен. Како што досега повеќе пати сме објаснувале во јавноста тоа е платформа која е развиена во Естонија за финансирање на стартапи, но и на мали и средни претпријатија. На овој начин го нудиме пазарниот концепт на финансирање на помалите компании кои се соочуваат со хроничен недостаток и потежок пристап до финансии. За ова добивме поддршка од УСАИД Проектот за развој на деловниот екосистем и потпишавме Меморандум за соработка со Фондот за иновации и технолошки развој.  Реакциите по нашата најава дека ќе започнеме со проектот за crowdfunding беа повеќе или помалку предвидливи. Поголем дел од стручната јавност ја поздравува и поддржува идејата, ја сфаќа логиката поради која ова го правиме и навива да успееме поради општо добро. Има и такви кои не веруваат дека ова кај нас може да функционира, а се појавија и некои малициозни гласови што го проблематизираат овој проект со тврдење што има Берзата да се занимава со crowdfunding кога се уште не ги средила побитните работи на пазарот. Тоа, кога така лефтерно се зборува што треба и што не треба да работи берзата, ме потсетува на кафеанските муабети за “оправање” на ова или она… Како и да е, уверени сме дека со проектот за crowdfunding отвораме нова страница во нашите финансиски навики, при што паралелно создаваме инкубатор од кој на среден рок можат да се појават нови котирани компании на Берзата што ни е најголем развоен предизвик. Дополнително, делуваме општествено одговорно и им овозможуваме на младите претприемачи пазарно да ги тестираат и финансираат своите бизнис идеи без да мора да се отселат од Македонија. Поактуелен и помодерен проект, здравје!